Сунак се сретна со Нетанјаху и го покрена прашањето за судските реформи во Израел

47
EPA-EFE/ANDY RAIN

Британскиот премиер, Риши Сунак, денеска на средба со неговиот израелски колега Бенјамин Нетанјаху го покрена прашањето за судските реформи во Израел, соопшти канцеларијата на Сунак.

– Премиерот Сунак ја истакна важноста на демократските вредности кои се основата на нашите односи, вклучително и предложените судски реформи во Израел, се вели во соопштението.

Нетанјаху претходно беше пречекан пред Даунинг стрит број 10 со свирежи и повици од демонстранти кои се незадоволни од најавените реформи во правосудството во Израел.

Тој се ракуваше со британскиот премиер Риши Сунак на скалите на Даунинг стрит додека стотици демонстранти кои беа во близина носеа израелски знамиња и извикуваа „Нетанјаху оди во затвор, не можеш да зборуваш во името на Израел“.

Сцените во Лондон се повторување на сцените во Берлин, кои се случија претходно овој месец, кога стотици демонстранти се собраа пред Бранденбуршката порта за да протестираат против судските реформи во Израел.