„Своето раѓање, каналот го должи на амбициите на целото човештво“ изјавил неговиот идеен творец, де Лесепс.- „Автопат на британската империја“ значително го скуси патот меѓу Европа и Индија

Откако пред 150 години бил отворен со раскошна церемонија, Суецкиот канал станал еден од најважните поморски рути на светот. Изградбата траела од 1859 до 1869 година, како амбициозен проект за спојување на Средоземјето со Црвеното море, кој драстично ќе го скрати патот на трговските флоти од Европа до Азија. „Суецкиот канал не е право на една нација“, се зборовите на Фердинанд де Лесепс, францускиот дипломат кому му се припишуваат заслугите за осмислувањето на проектот.

„Своето раѓање, каналот го должи на амбициите на целото човештво“, додал тој во својот говор во 1864 година. На изградбата на каналот работеле милион луѓе, а првиот брод низ овој 164 километри долг канал минал на 17 ноември 1869 година. Така се избегнал долгиот и опасен пат меѓу Европа и Азија со заобиколување на Африка.

„Автопат на британската империја“, како што тогаш е наречен“, каналот значително го има скусено патот меѓу Лондон и Мумбаи од 20.000 на 11.593 километри. Пред прокопувањето на Суецкиот Канал, трговциите од Европа, за да стигнат до Индија или на Далечниот исток морале да ја обиколат цела Африка. Подоцна, и Суецкиот канал ќе ги почувствува последиците од турбулентните настани на Блискиот исток.

Египетскиот претседател Гамал Абдел Насер, голем заговорник на арапското единство, во јули 1956 година ќе се спротивстави на британските и француските интереси и ја национализира компанијата која управува со каналот. Со оваа одлука тој стекнува огромна популарност во својата земја, но предизвикува меѓународна криза. Само три месеци подоцна, Франција и Велика Британија со помош на Израел, го напаѓаат Египет.

Денес со Суецкиот канал раководи Управата на Суецкиот канал (SCA). Пред четири години тој е проширен. Благодарение на овој проект, времето за транзит е скусено пд 22 на 11 часа, а бројот на бродовите кои секојдневно пловат е зголемен од 45 на 65 џиновски танкери, изјавија од управата на Суецкиот канал.

Сепак, регионот и натаму е нестабилен. Каналот денес го штити египетската војска која се справува со долготрајна побуна на северен Синај. Низ него минува 10 отсто од светската поморска трговија.

Значењето на овој исклучително важен инфрастрктурен проект за египетската економија се зголемува со развојот на поморскиот сообраќај и на светската трговија. Со оглед на тоа што овој вид на сообраќај е најевтин и повеќе од 80 отсто од светската трговија се одвива по пловни патишта, претставува важна раскрсница за меѓународните трговски правци.

Во буџетската 2018/19 година остварен е приход од 5,9 милијарди долари. Но, ни од далеку не одговара на приходите планирани од зголемувањето на неговиот капацитет. Така каналот остана престижен проект и истовремено потсетување дека Египет се уште ги нема остварено сите можности кои тој моќе да ги даде.