Суд во Италија пресуди во корист на децата: Внуците не мораат да се гледаат со своите баби и дедовци ако не сакаат

152

Врховниот касационен суд на Италија денеска пресуди дека децата не мора да ги гледаат своите баба и дедо ако не сакаат.

Одлуката на судот е донесена во постапката што ја покренале родители на две деца, жалејќи се на одлуката на пониска судска инстанца со која децата биле принудени да поминуваат време со своите баба и дедо и роднини од татковата страна, пренесува Гардијан.

Повеќегодишниот правен спор го покренале бабата, дедото и братот на таткото, кои поднеле тужба до судот за малолетници во Милано затоа што не можат да се сретнат со внуците „поради пречките што ги поставуваат родителите на децата“ со кои се во семејна расправија.

Лондонскиот весник наведува дека според италијанскиот закон за семејство, кој стапи на сила во 2006 година, бабите и дедовците на дете од разведени родители имаат право да побараат од судот, во случај родителите на детето да им забранат да се видат со него, да одлучи дали таквата забрана е незаконска и дали ја нарушува благосостојбата на детето.