Судот пресуди: Никој нема да оди во затвор за пожарот во Тетовската болница во кој загинаа 14 лица

Условни казни за директорите и ослободителна пресуда за докторот Вучески е првостепената пресуда за пожарот во тетовската модуларна болница, кој се случи во септември 2021 година и во кој животот го изгубија 14 лица и уште десетици беа повредени.

183

Судијата Јордан Велков денеска ја изрече првостепената пресуда за пожарот во тетовската модуларна болница, кој се случи во септември 2021 година и во кој животот го изгубија 14 лица и уште десетици беа повредени.

Поранешните директори на болницата, Флорин Бесими и Артан Етеми, кои беа обвинети за дела против општата сигурност, беа прогласени за виновни и  добија условна затворска казна од една година и шест месеци, со услов во наредните три години да не сторат ново кривично дело. Тие треба да платат и парична казна од 4.000 денари.

Третообвинетиот во случајот, д-р Бобан Вучески, кој се товареше за кривичното дело „непостапување според здравствените прописи за време на епидемија“, е ослободен од обвинението, додека ЈЗУ Клиничка болница Тетово, за загрозување на општата сигурност и непостапување според здравствените прописи за време на епидемија, треба да плати милион денари.

– Обвинетите не поставиле пропишани уреди за заштита од пожар и со тоа предизвикале опасност за животот и телото за луѓето и пациентите болни од ковид-19. Тие не постапиле според мерките и активностите од договорот за заем со Светска банка. Иако биле должни да имаат противпожарна опрема, на денот на пуштање во употреба на модуларната болница, па сè до настанување на пожарот, немале соодветни уреди за заштита од пожар – истакна судијата Велков.

Членовите на семејствата на загинатите во пожарот и оштетените се упатени да поведат постапки за отштета во граѓански спор.

Ексдиректорот на Тетовската болница, Флорин Бесими, кој доби условна казна, најави жалба до Апелациониот суд и посочи дека не ја разбира изречената пресуда.

– Не ја разбирам пресудата, не ми е јасно како ме поврзуваат со модуларната болница кога самите бевте присутни и од самите докази се гледа дека не сум изведувач, не сум бил надзор, ниту сум ја примил, што постои во документите. Не сум потписник, само знам дека сум обвинет за ПП-апарати, дали имало или немало. Тоа го кажаа сведоците во текот на судскиот процес, мене ми останува да се спротивставам на пресудата и да го барам правото во повисоките судски институции – истакна Бесими по судското рочиште и додаде дека не се чувствува виновен, дека жали за трагичниот настан и дека „останува да ја барам правдата со цел сите жртви, семејствата да ја знаат вистината“.

Ослободителната пресуда за докторот Вучески беше поздравена со аплауз од граѓаните пред Судот, кои го поддржуваа во текот на целиот судски процес.

– Ослободителна пресуда за мене. Голема благодарност за сите роднини и пријатели, кои во целиот процес беа со мене и не дозволија да останам сам. Благодарност до адвокатскиот тим, кој ме поддржуваше и ми даде сила да можеме да го спроведеме овој процес како што треба. Благодарност за правдата што излезе дека јас, како доктор, сум бил со вас, а сега уште повеќе ќе бидам со вас – истакна д-р Вучевски по судското рочиште.

Пожарот во модуларната болница во Тетово се случи на 8 септември 2021 година и во него загинаа 14 пациенти и десетици беа повредени. Во истрагата за причините за пожарот, покрај македонски експерти, учествуваа и вештаци од Германија и беше утврдено дека причина за пожарот бил спој на продолжен кабел.