Судот во Стразбур пресуди во полза на исклучените од парно

105
Aerienne

Европскиот суд за човекови права во Стразбур пресуди во полза на сопствениците на станови во Скопје кои биле исклучени од системот на централно греење, а биле присилени од државата да ја подмират фиксната сметка за топлинска енергија кон топловодната компанија.

Како што јави дописникот на МИА од Стразбур, судот оценил дека македонската држава не го заштитила имотот на исклучените сопственици, нарушувајќи им го тоа право. Според Судот од Стразбур, во овој случај имало прекршување на членот 1 од Протоколот 1 на Европската конвенција за човекови права.

– Тужителите Стрезо Стрезовски, Цане Николовски, Ацо Спасовски, Јосип Јуван, Зоран Костовски, Трајанка Накевска, Енвер Исени и Соња Налбанти – Димоска, се пожалија дека биле должни според националните регулативи да им плаќаат на приватните добавувачи фиксна сума за затоплување на нивните станови, иако тие веќе не биле поврзани со мрежата за греење. Нивните станови биле исклучени од оваа мрежа на нивно барање, или на барање на поранешните сопственици пред 2012 година. Тоа е датумот на влегување во сила на регулативата со која се обврзуваат корисниците кои веќе не се поврзани со мрежата, да им плаќаат на приватните добавувачи фиксна годишна претплата – стои во објаснувањето од судот.

Во 2013 година, Уставниот суд на Република Македонија оценил дека одредбата од оваа регулатива е во согласност со Уставот, оценувајќи дека оваа фиксна наплата корисниците исклучени од мрежата мораат да ја платат за топлината што ја примале индиректно, од другите станови во зградите загреани од мрежата.

– Домашните судови го потврдија ова толкување и ги отфрлија граѓанските постапки на тужителите со кои тие ја сопреа наплатата на фиксната претплата за која се жалеа. Судовите сметаа дека, како индиректни потрошувачи од апликантите се бараше да го платат фиксниот износ, без оглед на нивните индивидуални околности – стои во образложението на судот.

Во 2018 година, Врховниот суд пресуди одредена категорија станови да не го плаќаат фиксниот надоместок доколку исполнуваат одредени услови.

На осумтемина тужители, државата ќе треба да им ги подмири трошоците и за нематеријална штета.

Извор: МИА