На улиците на престолнината на Боливија, Ла Паз, избија судири откако опозициската лидерка Жанин Анес се прогласи за привремен претседател на земјата, по оставката на Ево Моралес.

Анес се прогласи за преоден претседател иако немаше кворум во текот на гласањето за нејзиниот избор во боливискиот Конгрес, бидејќи сенаторите од левичарската партија на Ево Моралес го бојкотираа гласањето, пренесоа британските медиуми.

Таа доцна синоќа ја презеде привремената контрола врз Сенатот, а претставниците на партијата Движење за социјализам на Ево Моралес не беа присутни во салата кога таа тоа го објави.

Лутите приврзаници на Моралес се обидуваа да дојдат до зградата на Конгресот викајќи дека таа мора да поднесе оставка, пренесуваат американските медиуми.

Моралес, кој сакаше да трансформира Боливија, како прв автохтон домородечки претседател, вчера одлета за Мексико каде побара и веднаш му беше одобрен азил, додека илјадници негови приврзаници на улиците на боливиската престолнина бараа негово враќање во земјата.

САД ја признаа боливиската сенаторка Жанин Анес за привремена претседателка на оваа јужноамериканска држава, напиша на Твитер в.д. помошник секретарот на Бирото на американското Министерство за внатрешни работи Мајкл Козак.

„Вршителот на дожноста претседавач на Сенатот, Жанин Анес, ја презеде одговорноста на привремена уставна претседателка на Боливија“, рече Козак и додаде дека САД се радуваат на соработката со неа и другите цивилни власти, кои ќе организираат слободни и чесни избори што е можно побрзо, во согласност со боливискиот Устав, додаде тој.

Претседателските избори во оваа земја беа оддржани на 20 октомври на кои по првиот круг победа прогласи актуелниот претседател Ево Моралес. Неговиот конкурент Карлос Меса кажа дека не ја признава победата на Моралес, по што почнаа масовни протести, што завршија со насилства низ цела земја.