Дома МАКЕДОНИЈА Судењето за „ТНТ” продолжува на 30 август

Судењето за „ТНТ” продолжува на 30 август

76

Во Основниот кривичен суд во Скопје, денешното рочиште за случајот „ТНТ” на Специјалното јавно обвинителство се одложи за 30 август, заради отсуство на судијата Огнен Ставрев, кој го води предметот, а во моментов е на боледување.

Имено, на претходното рочиште поранешниот градоначалник на Општина Гази Баба Тони Трајковски, кој е обвинет во случајот „ТНТ”, за овој предмет побара изземање на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева, која е застапник на обвинението заради сомнеж за поврзаност со случајот „Рекет”. Во изјава за МИА, адвокатот Еленко Миланов рече дека се уште не е доставен одговор во врска со барањето за специјалната обвинителка.

Барањето, како што рече Трајковски во изјава за медиуми, го поднел поради сомнеж за поврзаност на Јанева со Адриан Амзоски, овластеното лице на фирмата „Дрим билдинг” од Струга, кој бил и управител на фирмата ТД „Фине” што го градела објектот „Космос”. За него Општина Гази Баба поднела кривична пријава до Основното јавно обвинителство за градење спротивно на одобрението за градба, а ОЈО го процесуирала обвинителниот акт до Основниот суд Скопје 1. Јанева, пак, на нејзино барање го презела случајот и веднаш ја повлекла кривичната пријава, а по два месеца Амзоски донирал повеќе од 16 милиони денари на Меѓународниот сојуз на Бојан Јовановски.

-Во фаза на закажување рочиште од страна на Основниот суд Скопје 1 по кривичната пријава, Јанева го презема случајот од колегите од Обвинителството и го повлекува тој обвинтелен акт без да достави докази. Се сомневаме за поврзаност на повлекувањето на пријавата со потпишувањето на договорот за соработка на „Дрим билдинг” со Меѓународниот сојуз по два месеца од повлекувањето на обвинителниот акт, изјави Трајковски.

Прецизира дека кривичната пријава против Амзоски лично ја повлекла специјалната обвинителка Јанева, што, додаде, е забележано во еден од извештаите на СЈО.