Сугарески – Брахос: Заеднички инспекциски служби на железничките гранични премини

68

Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески оствари работна средба со Јоанис Брахос, генерален секретар на Министерството за надворешни работи на Грција за меѓународни и економски односи.

На средбата, како што соопшти Министерството за транспорт и врски, се разговараше за придобивките од Договорот од Преспа, како и за регионалните инфраструктурни проекти што ќе се реализираат меѓу Република Северна Македонија и Грција.

Министерот Сугарески ја потенцираше важноста од изградбата на пругата од Битола до Кременица поради регионално поврзување и овозможување побрз транспорт на стока и патници. Тој побара од грчката страна во следниот период да се финализира текстот на Спогодбите за утврдување на граничните процедури на железничките премини, Гевгелија-Идомени и Кременица-Неа Кафкасос се со цел формирање на заеднички гранични инспекциски служби.

– Kако една од позначајните активности кои очекуваме да биде реализирана во следниов период е финализирање на текстот на Спогодбите за утврдување на граничните процедури за двата железнички премини, Кременица – Неа Кафкасос и Гевгелија – Идомени. Со овие Спогодби се предлага спроведувањето на граничните процедури на полицијата и царината, и другиоте инспекциските служби да се вршат од едно место и тоа на преминот Гевгелија-Идомени, со заедничка гранична зграда во Гевгелија, а на граничниот премин Кременица -Неа Кафкасос, со заедничка гранична зграда во Неа Кафкасос.Тоа ќе придонесе за олеснување и забрзување на транспортот на стока и патници меѓу двете земји. Предлог текстот на двете Спогодби е доставен до Вашето надлежно Министерство и очекуваме во најскоро време да се пристапи кон потпишување, истакнал министерот Сугарески.

На средбата, како што се наведува, Сугарески го отвори и прашањето за зголемување на квотите на транспортните дозволи за превоз на стока.

Министерот Сугарески се заблагодарил на поддршката што ја овозможува Владата на Република Грција и побара како земја членка на Европската Унија, Грција да ги поддржи напорите на нашата држава за зголемување на европските фондови за реализација на капиталните инвестиции во Република Северна Македонија.