Субвенции за возила ќе има, ама за кого и какви уште никој не знае

Од Министерството за економија, кое го води овој проект објаснуваат дека условите и критериумите за субвенција на возила ќе се одредат во посебна програма што ќе ја донесе Владата. Во неа ќе се прецизира колку пари ќе изнесува субвенцијата, дали нејзината висина ќе зависи од набавната цена и како ќе се утврдува за половни возила, како и дали ќе ја добиваат и граѓаните кои сами ќе набават возило од странство

216

Дали субвенциите за купување возило со најмалку ЕУРО 5 стандард и за вградување плин ќе важат за сите кои ќе аплицираат или за оние кои први ќе се јават, како и тоа кога на возилата ќе се ставаат еколошки налепници се само дел од прашањата што си ги поставуваат граѓаните откако во сила стапи Законот со кој тоа се овозможува.

Конкретен одговор на овие и на другите прашања од надлежните сè уште нема. Се знае дека субвенции се предвидени за набавка на ново или половно возило со најмалку ЕУРО 5 стандард, под услов старото да оди на отпад. Но, засега нема конкретни критериуми според кои ќе се делат парите. Од друга страна, одредбата за еколошки налепници има одложено дејство и ќе стапи на сила за 12 месеци.

Од Министерството за економија, кое го води овој проект објаснуваат дека условите и критериумите за субвенција на возила ќе се одредат во посебна програма што ќе ја донесе Владата. Во неа ќе се прецизира колку пари ќе изнесува субвенцијата, дали нејзината висина ќе зависи од набавната цена и како ќе се утврдува за половни возила, како и дали ќе ја добиваат и граѓаните кои сами ќе набават возило од странство. Појаснуваат дека во моментов, во соработка со другите министерства, се разгледува и тоа дали субвенцијата ќе се добива откако претходно новото возило целосно ќе се плати или на некој друг начин.

Оние кои ќе купуваат хибридни и електрични возила субвенции ќе користат од програмата старо за ново, а во законското решение се предвидени 170 милиони денари за субвенционирање на вградување на плински и метанов уред во возилата со ЕУРО 4 стандард и помалку, како и за купување на половно или ново возило со повисоки еколошки стандарди по системот старо за ново.

Засега познато е и дека за вградување на уред за погон на ТНГ, метан или друг вид на алтернативно гориво во постоечките возила се предвидува субвенција на 50 отсто од трошоците, но не повеќе од 300 евра. Со оваа мерка се предвидува да бидат опфатени над 1.200 возила на годишно ниво.

Како што најави министерот за економија, Крешник Бектеши, субвенциите се планирани од наредната година, но може да стартуваат уште оваа, под услов да има ребаланс на буџетот со што ќе се одвојат пари за таа намена.

За еколошката категоризација на возилата тој истакна дека ќе биде на доброволна база и ќе има три категории со различни бои на налепници.

Во новиот Закон за возила се вели дека зелена еколошка налепница ќе можат да добијат возилата што го исполнуваат најмалку стандардот ЕУРО 5, но и возила со ЕУРО 4 и ЕУРО 3 стандард во кои е вграден плински или метанов уред, како и хибридните и електричните возила. Од категоризацијата се изземаат возилата на војската, полицијата, пожарната и брзата помош, како и возила во кои се возат лица со попреченост. Тие ќе можат да се движат и во зоните каде има забрана за движење поради загаденост на воздухот.

Трошокот за еколошката налепница ќе биде на товар на граѓаните, а за издавање на погрешна еколошка маркичка предвидена е глоба од 250 евра во денарска противвредност за одговорното лице во техничката служба што ја издало.