Интензивните градби, со што се намалува капацитетот и просторот во Дебар Маало, како и недостигот на простор за движење по тротоарите поради паркираните автомобили, ги инспирираше студентите од Архитектонскиот факултет да изнајдат сопствени решенија кои би им го олесниле животот на граѓаните.

– Ми пречи тоа што се уриваат тенди на кафулиња, се урива нешто во кое некој вложил, наводно за да се ослободи просторот од тротоарите. Но, се прашувам дали со таквата постапка ќе се ослободат паркинг места и места за движење на луѓето. Јас сакам со мојата внука да се шетам безбедно на тротоар, но дали со уривање на она во што е инвестирано ќе се постигне целта – вели граѓанин на Дебар Маало.

Овие решенија, односно проекти на студентите од Архитектонскиот факултет за урганистичко преобликување на Дебар Маало кои треба да им помогнат на тамошните жители денеска од 10 до 14 часот беа изложени и јавно презентирани на паркингот пред општина Центар.

Според професорката на Архитектонскиот факултет – Скопје, Дивна Пенчиќ, главниот проблем во Дебар Маало е тоа што овде сè уште има интензивна градба, со што просторот нема доволно капацитет.

– Интензивната градба носи неквалитетен живот. Не треба многу да се гради, бидејќи многу се губи на квалитетот. Треба да се гледа на јавните простори кои треба да им послужат на децата, на возрасните и на минувачите, потенцираше Пенчиќ.

Таа вели дека студентите во Дебар Маало детектирале неколку клучни проблеми, а тоа се дека пешаците се движат на улица, а автомобилите се паркирани на тротоарите.

– Студентите преку уметничка интервенција утврдија дека може да се направи пешачки остров. Тие по претходно направена анализа за тоа колку станови има, кој поминува, ги направија своите проекти. Само со такви анализи можат да се направат соодветни решенија, децидна е професорката Пенчиќ.

Таа додава дека студентите учат дека само со анализи, бројки и податоци можат да ги кажат решенијата и тврди дека сите изложени проекти многу брзо и со малку средства можат да се имплементираат.

– Општина Центар веќе работи на тоа да имплементира дел од овие решенија, а со заедничка работа на овие млади луѓе и потребата на Општината од иновативни решенија можат да се постигнат саканите резултати на општо задоволство –  тврди Пенчиќ.

Студентката во четврта година на Архитектонскиот факултет, Сара Петровска го  објасни решението кое го опфаќа просторот каде што сега се бараките на Општината Центар.

– Заедно со мојата група работевме на бараките на Општина Центар. Нашата цел беше овој простор да се отвори за граѓаните. Притоа, бараките се заменети во еден објект. Воедно, предвидена е и катна гаража во која ќе можат да се сместат возилата од улиците. Исто така, на горниот дел на катната гаража која е рамна тераса би имало спортски игралишта. Исто така, останува поголем празен простор кој би бил еден вид мини плоштад каде би можело да се собираат граѓаните. А, бидејќи во Дебар Маало недостасува градинка, овде ја додадовме и неа, објасни Петровска.

Студентот Бојан Менкиноски го презентираше решението за паркот кај Министерството за култура.

– Овој парк не е отворен за јавноста, затоа ја извадивме оградата и со нашето решение го преуредивме и го претворивме во семејно и интимно катче кое граѓаните ќе можат да го искористат за одмор, дружба, за рандевуа, но и да испијат кафе. Бидејќи овој дел е фреквентен, во близина е пазарот, има сообраќајна гужва, а и нема доволно сенка, овој мини парк ќе биде одлична можност граѓаните да здивнат пет минути и да уживаат, а не да одат дури во Градскиот парк. Затоа и го предлагаме ова зелено парче – објасни Менкиноски.

(А.П.)