Струјата од Нова година ќе поскапи за над 5 отсто, ама граѓаните нема да го осетат тоа!?

Цената на струјата за домаќинствата може да за зголеми за над 5 отсто поради раст на цената на струјата на берзите, велат експертите. Само за еден ден, цената на струјата на унгарската ХУПЕКС-берза забележа значителен скок од 57,12 отсто. Експертите очекуваат трендот на раст на струјата на берзите да продолжи, а со тоа и сметките за струја на домаќинствата и на компаниите. Од Владата велат дека од Нова година мора да има зголемување на цената на струјата, но ќе се трудат, колку што е можно, тоа да биде поблаго

611

Од Нова година цената на струјата за домаќинствата ќе се зголеми, бидејќи ДДВ-то за електрична енергија од први јануари ќе биде 10 проценти, а не 5 колку што изнесуваше изминатата година и пол. Според експертите, цената на струјата за домаќинствата може да за зголеми за над 5 отсто и поради раст на цената на струјата на берзите. Само за еден ден, цената на струјата на унгарската ХУПЕКС-берза забележа значителен скок од 57,12 отсто. Експертите очекуваат трендот на раст на струјата на берзите да продолжи, а со тоа и сметките за струја на домаќинствата и на компаниите. Од Владата велат дека од Нова година мора да има зголемување на цената на струјата, но ќе се трудат, колку што е можно, тоа да биде поблаго.

Со измените на Законот за данокот на додадена вредност, даночната стапка за прометот на електричната енергија за домаќинствата во јули 2021 година се намали од 18 на 5 проценти. Повластената стапка за прометот на електрична енергија кон домаќинствата ќе остане и во 2023 година, но наместо 5, ќе изнесува 10 отсто. Владата го најави ова уште на почетокот од годинава, кога рече дека ако цената на електричната енергија на берзите и натаму остане висока, ДДВ-то за струјата нема да се зголеми над очекуваните 10 отсто.

-Зголемувањето на ДДВ-то е само една од ставките во конечната цена, која ја утврдува Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги, но сè уште сме далеку од тоа да ги согледаме сите параметри, а РКЕ да одреди кое и какво ќе биде влијанието. Ние сè уште ги правиме пресметките што значат импутите за следната година. Затоа преземаме мерки веќе една и пол година за импутот во дефинирање на цената за следната година да не биде удар за самите граѓани –  изјави вицепремиерот Фатмир Битиќи.

Потсети дека Владата, преку ЕСМ, нудеше електрична енергија кон „ЕВН хоум“ со многу пониска субвенционирана цена.

-Тоа може да биде една од работите за да се амортизира евентуалното зголемување, но сè уште сме далеку од тоа да ги согледаме сите параметри, а РКЕ да одреди кое и какво ќе биде влијанието. Свесни сме дека енергетската криза е тука и дека мора да има одредено покачување на цената на електричната енергија, но да биде колку што е можно поблаго за да се намали ударот кај граѓаните. Сметам дека тоа е императив за Владата – посочи Битиќи.

Според експертите, цената на струјата ќе продолжи да расте, а потврда за тоа се и податоците од цената на струјата на унгарската ХУПЕКС-берза, каде што за еден ден се качи за 57,2 отсто. Таканаречената пикова цена (кога има најголема потрошувачка) се продава за 258,82 евра за мегават-час и таа се качи за дури 77,15 проценти за еден ден.

-Цената на струјата за домаќинствата од Нова година ќе биде повисока за минимум 5 отсто колку што ќе изнесува зголемувањето на ДДВ-то, но се очекува многу и повеќе доколку продолжи нејзиниот раст на берзите. Сепак, домаќинствата нема многу да бидат погодени, бидејќи нивната струја е субвенционирана. Но, компаниите што се снабдуваат на слободниот пазар, ќе плаќаат многу повисоки сметки во декември и јануари поради наглиот раст на цената на струјата на берзите. Еве, видете, само за еден ден цената на ХУПЕКС се качи за повеќе од 50 отсто – вели за ВЕЧЕР Ѓорѓи Манасков, енергетски експерт.

И универзитетскиот професор Константин Димитров вели дека секако дека цената на струјата ќе расте, но Владата го прави тоа постепено со цел граѓаните да не го почувствуваат тоа.

-Голем дел кој влијае на цената на струјата е цената на купување. Со оглед на тоа дека цената на берзите ќе расте, логично е да има зголемување на струјата и за домаќинствата и за компаниите. Владата ќе го прави зголемувањето на цената на струјата постепено за да не се побуни народот – изјави Димитров за ВЕЧЕР.

Пред еден месец, претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимоски, рече дека цената на струјата до Нова година нема да се менува, а за да остане сегашната цена, рече дека треба да немаме потреба од дополнителен увоз на електрична енергија.

-За да се исполни условот, да нема зголемување на електричната енергија, треба да немаме потреба од увоз на струја. Сега-засега, до 31 декември, нема да има промена на цената за регулираниот пазар – изјави Бислимоски.

(А.С.)