Струјата за домаќинствата поскапува за 7,4 отсто, останува евтината тарифа

Цената на струјата за домаќинствата се зголемува за 7,4 отсто, а граѓаните и понатаму ќе можат да ја користат евтината тарифа во истите периоди како и досега. Поскапување на струјата, како што кажа претседателот на РКЕ Марко Бислимоски, побарале сите електроенергетски компании заради проблемите што ги предизвика кризата со ковид-19. ЕСМ има намалување на приходите од продажба на вишоци на електрична енергија од 17 милиони евра, а МЕПСО намалување на приходите од 11 милиони евра.

138

Цената на електричната енергија за домаќинствата се зголемува за 7,4 отсто, а граѓаните и понатаму ќе можат да ја користат евтината тарифа во истите периоди како и досега, изјави претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) Марко Бислимоски.

Поскапување на струјата, како што кажа Бислимоски побарале сите електроенергетски компании заради проблемите што ги предизвика кризата со коронавирусот. ЕСМ има намалување на приходите од продажба на вишоци на електрична енергија од 17 милиони евра, а МЕПСО намалување на приходите од 11 милиони евра.
Инаку енергетските компании побарале и поголемо зголемување на цената заради раст на нивните трошоци, намалената потрошувачка, како и проблемите со ликвидноста што ги предизвика пандемијата со ковид-19.

Според јавно достапните податоци цената за ЕВН Хоме се определува на просечен износ од 4,92 денари за еден киловат-час електрична енергија. Високата тарифа т.е. „скапата струја“ во иднина ќе чини 5,95 денари за еден киловат-час и тоа е поскапо за 7,4 отсто од досегашната цена која изнесува 5,54 денари за киловат-час. „Евтината струја“ односно ниската тарифа по ново ќе изнесува 2,99 денари и тоа е покачување за 7,5 отсто во однос на тоа што досега го плаќаа граѓаните кога користеа евтина струја која чинеше 2,78 денари за еден киловат-час.

Производната државна компанија ЕСМ лани годината ја завршила со добивка од 3,15 милиони евра. Преносната компанија МЕПСО 2019 година ја завршила со добивка од 7,25 милиони евра, а ЕВН Македонија (фирма мајка на ЕВН Хоме) ланската година ја завршила со профит од 34 милиони евра. Електродистрибуција (најголемиот оператор на дистрибутивниот систем и фирма ќерка на ЕВН Македонија) лани годината ја завршила со загуба од 7 милиони евра.

Одлука за корекција на цената на електричната енергија требаше да биде донесена пред две недели, но беше одложено поради изборите.