„Струшките вечери на поезијата“ во скратена форма, лауреатот Амир Ор – гостин на наредното, јубилејно 60. издание

43

Повеќе од 30 домашни и странски поети ќе учествуваат на главните фестивалски читања. Дел од програмата ќе бидат и петте кандидати од потесниот избор за наградата „Браќа Миладиновци“ која што ќе биде доделена и оваа година за најдобра поетска збирка помеѓу две изданија на СВП, а ќе бидат застапени и слем-поети од земјава и од странство. Фестивалот за да го зачува континуитетот што го има од 1961 година, ќе се одржи во редуцирана форма и ќе трае пократко, од 28 до 30 август

Фестивалот „Струшки вечери на поезијата“ за да го зачува континуитетот што го има од 1961 година, ќе се одржи и годинава и ќе ги има препознатливите програмски содржини, но во редуцирана форма и ќе трае пократко, од 28 до 30 август.

Како што соопшти дирекцијата на фестивалот, Комисијата за заразни болести го одобрила подготвениот протокол за негово организирање.

„Сегашните околности дозволуваат да се организира фестивал со физичко присуство на домашните поети, а поканетите учесници од странство, поради рестрикциите во однос на патувањата и авионските летови, но и заради минимизирање на ризикот од ширење на вирусот, ќе бидат претставени преку видеочитања. Специјално видеообраќање како и видеочитање, подготви и годинешниот лауреат на СВП, израелскиот поет Амир Ор, кој ќе биде специјален гостин на наредното, јубилејно 60-то издание на СВП во 2021 година, кога и ќе му биде врачен ‘Златниот венец’, заедно со лауреатот за 2021 година“, соопштија од СВП.

Амир Ор

„Се чувствувам длабоко привилегиран и почестен што станувам член на една избрана група лауреати кои ми претходеле. Оваа традиција започнала тука, во земјата што ја величи и ја љуби поезијата, во градот кој е родното место на втемелувачите на македонската поезија, браќата Миладиновци, градот кој во модерните времиња е зачетник на возобновената поетска агора што ја претставуваат Струшките вечери на поезијата. Освен тоа, како Израелец, не можам да заборавам дека моите луѓе, Евреите, дошле во оваа земја уште од 1800 година и придонесувале најмногу што можат. Ниту, пак, можам да заборавам дека нивната долга историја тука завршува во Втората светска војна кога во 1943 година речиси сите Евреи од Скопје, Битола и Штип, мажи, жени и деца, биле депортирани во Треблинка и убиени во гасните комори. Малиот број млади Евреи кои ја избегнале оваа судбина се придружиле на партизаните и многумина го дале животот рамо до рамо со нивните македонски соборци против фашистите. Како спомен за нив, би сакал да го прогласам овој момент посветен на просветлената страна на човековиот живот, како уште еден исчекор кон обновувањето на нашата заедничка врска“, напиша во поздравното обраќање Амир Ор, добитникот на Златниот венец за 2020 година.

Инаку, повеќе од 30 домашни и странски поети ќе учествуваат на главните фестивалски читања годинава. Дел од програмата ќе бидат и петте кандидати од потесниот избор за наградата „Браќа Миладиновци“ која што ќе биде доделена и оваа година за најдобра поетска збирка помеѓу две изданија на СВП, а ќе бидат застапени и слем-поети од земјава и од странство.

Согласно со протоколите за организација на настани во услови нa пандемија, СВП подготви предлог-протокол за одвивање на фестивалот, што беше одобрен од Комисијата за заразни болести. За намалување на ризикот од ширење на вирусот, како и заштита на здравјето на учесниците и на публиката, оваа година има измена на локацијата на одржување на фестивалот. Најсоодветна алтернатива за организација на програмата, наведуваат од СВП, е покриената тераса на хотел „Дрим“, на која и вообичаено се одвиваат дел од програмските активности во редовните изданија на фестивалот.

„Физичкото присуство на публиката ќе биде ограничено поради капацитетот на просторот и поради протоколите за заштита, но програмата на фестивалот, почнувајќи од минатогодишното издание, целосно се пренесува во живо на официјалниот Јутјуб-канал на СВП, така што ќе биде овозможено целосно следење од поширок аудиториум. Престојот на учесниците е регулиран согласно протоколите за работа на хотелот во услови на пандемија. Ќе има обезбеден организиран превоз за учесниците на релација Скопје – Струга – Скопје, а избраниот економски оператор е должен да ги спроведува протоколите за превоз на патници во услови на пандемија“, се наведува во соопштението од дирекцијата на „Струшките вечери на поезијата“.