Стручњаците стравуваат од вкрстување на омикрон и сезонскиот грип во Србија

74

Во Србија секој ден се регистрираат повеќе од илјада заразени и десетици смртни случаи од коронавирус. Во болниците во моментов се наоѓаат 2.794 пациенти, а во животна опасност се 148 лица, јави допсиникот на МИА од Белград.

Државниот секретар во Министерството за здравство Мирсад Ѓерлек за РТС изјави дека е „прашање на денови“ кога во Србија ќе биде регистриран сојот „омикрон“ и предупреди на неговото вкрстување со сезонскиот грип, кој е присутен и во Србија, бидејќи и во двата случаи, не се искористени вакцините.

Ѓерлек кажа дека омикронот „не треба да се сфаќа лесно“ и дека ќе покаже сила кога ќе биде во популацијата еден до два месеци и предупреди на ризиците што ги носат празниците и можноста за вкрстување на коронавирусот.

Тој исто така предупреди дека меѓу 35 и 40 отсто од граѓаните во Србија не се вакцинирани против Ковид. Според податоците од 14 декември, првата доза од вакцината против коронавирус ја примиле вкупно 3.291.994 лица, втората доза 3.172.131, а третата 1.635.856 лица.

Различни студии покажале дека третата доза од вакцината може да заштити од сојот омикрон, додека две дози се нешто помалку ефикасни.

Ѓерлек предложи вакцинирање и со третата доза со цел да се придонесе за зголемување на колективниот имунитет, оценувајќи дека за постабилна епидемиска состојба може да се зборува само кога бројот на новозаболени ќе падне под 100 на дневна основа.

Тимот за следење и координирање на примената на превентивните мерки во работата на училиштата денес соопшти дека од понеделник, 20 декември 2021 година, во сите основни и средни училишта во Србија ќе се применува првиот модел на настава, односно учениците директно ќе ја следат наставата.