Струмичкиот градинар зелката ја расне – нервозен субвенција му касне!

48

Градинарите од струмичко реагираат на критериумите по кои се исплатени средствата од интервентната мерка за пролетната зелка која требаше да ја покрие разликата од ниската откупна цена. Наместо по кантарни белешки за предадено производство како што било договорено на работната група, дополнителните три денари за килограм зелка, биле исплатени врз основа на засадена површина.

– Работната група или луѓето кои преговараа со Mинистерството за земјоделие договорија една ситуација. Интервентната мерка да биде по кантарна белешка во откупно дистрибутивни центри кои  што се регистрирани во Министерството за земјоделие и вториот услов беше секој земјоделец во министерството за земјоделие да има ЛП отворено или по наше кажано да земаат субвенции – вели Драги Памуков, претседател на подсекторска група за градинарство при МЗШВ.

За Памуков кој беше дел и од групата што преговараше за интервентната мерка со ваквиот начин на исплата земјоделците се изманипулирани, а околу 650 домаќинства оштетени. Смета дека е неопходна нова средба на која ќе се најде начин да се обесштетат овие домаќинства.

– Бројот на домаќинства е околу 2.200 до 2.300, а за жал средства имаат земено 1.600 -1.700. Другите се оштетени. Или немаат земено средства бидејќи немаат пријавено по површина или на некои од овие 1.600 им е намален износот по основ на килажа. Треба уште еднаш да се седне да се разговара барем овие домаќинства кои што се оштетени да бидат на некој начин обесштетени – вели Памуков.

Од МЗШВ информираа дека со измените и дополнувањата на програмата за интервентен фонд била донесена мерката за финансиска поддршка за произведена и предадена зелка кај регистрирани откупувачи за период од 13 април до 7 мај оваа година.

Како корисници на оваа мерка биле пропишани сите регистрирани земјоделски стопанства кои во 2022 година имат производство на зелка и истата е предадена во регистриран капацитет и тоа за максимална предадена количина од 30.000 килограми по хектар. Поддршката од 3 денари за килограм е исплатена со сума од 41,7 милиони денари за 1.630 корисници.

Исплатата била извршена по доставени информации од Државниот пазарен инспекторат за земјоделство до Платежната агенција со прилог количини од кантарни белешки и податоци од крајниот корисник.

( З.Ѓ.)