Струга ú ги отстапи дивоградбите на Владата, Охрид ќе се „мачи“ со нив

250

Охридскиот градоначалник Константин Георгиески, пак, за весникот „Вечер“ истакна: „Нема да го коментираме барањето на струшкиот градоначалник за изземање на ингеренциите во одредени сфери во работењето на Општина Струга. Сите постапки кои Општина Охрид ќе ги преземе во наредниот период во однос на исполнување на препораките на УНЕСКО ќе се одвиваат во согласност со сите законски процедури, транспарентно, а јавноста ќе биде навремено и детално информирана“

Градоначалникот на Струга, Рамиз Мерко, реши да ù ги отстапи на Владата надлежностите во својата Општина од областа на урбанизмот и спроведување на забелешките од страна на УНЕСКО. Во Охрид пак, по се изгледа, градоначалникот Константин Георгиески нема намера да преземе ваков чекор, а како што изјави за весникот „Вечер“, постапката на својот колега нема да ја коментира.

Имено, деновиве струшкиот градоначалник преку писмо, споделено на официјалната фејсбук-страница на Општината, се обрати до премиерот Заев и дел од министрите во Владата. Во писмото, меѓу другото, стои дека ваквата одлука ја донел поради долгорочната кампања која се води против него и Струга со единствена цел, како што вели, да се покријат дивоградбите во Охрид и опасноста од одземање на статусот што го имаат Охрид и Охридскиот регион во рамките на УНЕСКО. Тој во писмото истакна дека ги отстапува ингеренциите во делот на издавање на дозволи за градба, во делот на легализација на објектите, во делот на издавање на концесии, како и во делот на спроведување на забелешките од страна на УНЕСКО.

Охридскиот градоначалник Константин Георгиески, пак, за весникот „Вечер“ истакна: „Нема да го коментираме барањето на струшкиот градоначалник за изземање на ингеренциите во одредени сфери во работењето на Општина Струга. Сите постапки кои Општина Охрид ќе ги преземе во наредниот период во однос на исполнување на препораките на УНЕСКО ќе се одвиваат во согласност со сите законски процедури, транспарентно, а јавноста ќе биде навремено и детално информирана“.

На нашето прашање што како градоначалник во моментот презема во однос на дивоградбите, затечени и актуелни, како и во однос на останатите забелешки на УНЕСКО, Георгиески посочи: „Во моментот се врши поединечна ревизија за секој предмет, кој е дел од Регистарот на дивоградби, кој го изготви Општина Охрид и поединечно ќе се носат одлуки за понатамошно постапување.

Исто така, во согласност со препораките на УНЕСКО, во тек е формирање на посебна комисија, која треба да направи мапирање и евалуација на влијанието врз животната средина на сите дивоградби во делот на заштитениот појас и Националниот парк „Галичица”. За тие објекти, за кои ќе се утврди дека имаат негативно влијание, ќе треба да се отстранат. Во целокупната постапка, ќе бидеме во постојана координација и комуникација со останатите надлежни државни институции“.

Деновиве премиерот Зоран Заев, пак, упати апел до Општина Охрид да постапи согласно со законските одредби во однос на дивоградбата на советникот во општината лоцирана во центарот на градот, и најави дека доколку не се постапи согласно законот ќе бидат одземени надлежностите на локалната самоуправа.

„Законот мора да важи еднакво за сите. Така што апелирам до сите граѓани, па и до почитуваниот советник господионот Нефи (Усеини) да ги отстрани дивоградбите што не можат да се легализираат, односно немаат никакво право за легализација, затоа што државата ќе ги тргне. Ќе ги тргнеме заради тоа што е загрозен Охрид, а екстра причина е УНЕСКО, заради тоа што граѓаните реагираат, заради тоа што не е правда овде“, потенцираше премиерот.

Тој истакна дека веќе разговарал со градоначалникот на Општина Охрид и оти очекува да се постапи во согласност со законот.

„Не очекувам ни помалку, ни повеќе, ни мускули, ни сила. Само по закон за секого. Ако не се постапи најавувам одземање на надлежности, како што сум најавил на господинот Мерко за одредени постапки“, рече премиерот.

Тој додаде дека јасно е пропишана постапката во која се укажува писмено и ако не се постапи, се одземаат надлежностите и тогаш државата постапува.