Струга станува суво пристаниште на Драч

Коридорот 8 и Коридорот 10 се двата коридора на кои во наредниве пет години ќе се реализираат најголемите проекти во државата кои треба да овозможат покрај солунското, да се поврземе и со пристаништата во Бургас и Драч. - Со потпишаниот меморандум со Владата на Албанија за изградба на пристаниште Порто Романо, ќе се овозможи и изградба на суво пристаниште во Струга, што ќе биде олеснување за компаниите, кои тргуваат со земјите од Централа и Југоисточна Европа, а преку Драч ќе се поврзе со Бриндизи во Италија и со регионот на Италија, Австрија..., истакна премиерот Димитар Ковачевски на рехабилитираниот пат Куманово - Страцин

111

Коридорот 8, кој неодамна влезе на сообраќајната и економската карта на Европа, мора да биде на нивото што се бара. Поради тоа турбо се работи на патниот дел од Коридорот 8 – кон бугарска граница на исток и кон албанска граница на запад.

Коридорот 8 и Коридорот 10 се двата коридора на кои во наредниве 5 години ќе се реализираат најголемите проекти во државата кои треба да овозможат покрај солунското, да се поврземе и со пристаништата во Бургас и во Драч.

– Со потпишаниот меморандум со Владата на Албанија за изградба на пристаниште Порто Романо ќе се овозможи и изградба на суво пристаниште во Струга, што ќе биде олеснување за компаниите, кои тргуваат со земјите од Централа и Југоисточна Европа, а преку Драч ќе се поврзе со Бриндизи во Италија и со регионот на Италија, Австрија… – истакна Ковачевски.

Според него, економскиот бенефит од изградба на коридорите е голем и покрај тоа што ќе се отворат 8 илјади работни места, ќе има и номинален раст на БДП за два процента годишно во наредните пет години, а компаниите ќе имаат можност за нови пазари, странските да инвестираат, ќе се градат хотели, бензински, ресторани и други објекти на делниците.

Од денеска се вози по рехабилитираниот пат Куманово – Страцин во должина од 31,2 километри. Овој пат, не бил рехабилитиран од независноста на Македонија, иако стандардите говорат дека секој пат треба да се поправа на секои 15 до 20 години.

Премиерот Димитар Ковачевски по увидот истакна дека североистокот и истокот на Македонија со години биле заборавени, а сега во овој дел се работи на експресниот пат Ранковце – Крива Паланка и се проширува лента до граничниот премин Деве Баир со Бугарија.

– Значи од најлошиот пат во државата, кој водеше од Куманово до границата со Бугарија на Деве Баир, сега ќе имаме модерен магистрален пат по кој ќе се вози и побрзо и побезбедно – кажа Ковачевски.

Министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски кажа дека мапирањето на Коридорот 8 значи поддршка од ЕУ, средства, но и мотив за побрза изградба.

– Граѓаните веќе ја користат оваа модерна и безбедна патна врска, клучна за овој регион и навистина треба да бидеме задоволни од тоа како се реализираше овој проект, кажа министерот. Тој рече дека со изградбата на дополнителните делници во регионот, експресниот пат и проширувањето на лентата кон Деве Баир, се заокружува источниот крак од коридорот 8. Во обраќањето, Бочварски порача дека треба да се тргнат партиските разлики и да се даде поддршка за инфраструктурите проекти, значајни за економскиот развој на земјава.

Директорот Рустеми посети дека етапно се градени, првин Куманово – Војник во должина од 15,2 километри со 4, 7 милиони евра обезбедени од ИПА 2, дел од средства на претпријатието. Во втората фаза се рехабилитираше Војник – Страцин во должина од 16 километри со 7, 4 милиони евра, пари обезбедени од ЈПДП, вкупно 31, 2 километри до вредност од 11. 78 милиони евра. 2020 како што потсети беше реконструиран Ранковце – Крива Паланка во должина од 21 километри, а во моментов се гради експресниот пат Крива Паланка – Длабочица -Страцин и една лента до преминот со Бугарија во вредност од 74,5 милиони евра со должина од 39 километри.

Инаку, за проектирање на експресен пат од Куманово до Ранковце, Министерството за транспорт и врски аплицира преку ИПА 3 програмата.

(С.Бл.)