Стрип, Бандерас и Олдман во филмската приказна за „Панамските документи“

119

Првите сцени од драмата „The Laundromat“ во продукција на „Нетфликс“, веќе се пуштени, а во неа публиката ќе има можност да ја види одличната актерска екипа составена од Мерил Стрип, Гери Олдман, Антонио Бандерас, Шерон Стоун, Мелиса Рауч, Дејвид Швимер и многу други.

Новото режисерско остварување на Стивен Содерберг по сценарио на Скот З. Барнс, адаптирано на книгата од авторот Jејк Бермштајн е мрачна комедија за „Панамските документи“ која дава увид во тоа како богатите перат пари преку адвокатска компанија во Панама. Приказната се заснова на познатата новинарска сторија „Панамски документи“ (Panama Papers), што стана актуелна 2016 година, и разоткри глобална шема чија основа се адвокати од Панама кои им „помагале” на богати клиенти и компании да избегнат плаќање даноци, со што се затаени милијарди долари.

Филмот ја следи Елен Мартин, измислена вдовица која ја толкува Мерил Стрип, чиј одмор од соништата набрзо тргнува во погрешна насока и ја води кон откривање на мрачни работа на една адвокатска фирма во Панама Сити, со која управуваат заводливите партнери Јирген Мосак, кого го игра Гери Олдман и Рамон Фонсека, улога која ја толкува Антонио Бандерас. Таа наскоро открива шема со која се докажува дека богатите ги кријат парите од јавноста.

 

Во пресрет на премиерата на филмот на Венецискиот фестивал, Стрип истакна дека целата истражувачка работа што се однесува на познатата сторија за „Панамските документи“ ја направиле околу 300 интернационални новинари кои ја открија сторијата во 2016 година. „Филмот е забавен, брз, смешен начин на раскажување на многу, многу темна шега со која си поигруваат со сите нас. И многу од жртвите се новинари кои ја обзнанија вистината“, рече Мерил Стрип.

По својата светска премиера која ја имаше на Филмскиот фестивал во Венеција, „The Laundromat“ на 18 октомври ќе се емитува на Нетфликс. Се очекува филмот да се прикаже и на филмските фестивали во Торонто и Сан Себастијан во септември.