Странските студенти во Британија по дипломирањето остануваат уште 2 години

92

Според сегашните регулативи, на дипломираните студенти им е дозволено да останат во земјата четири месеци

Во услови на континуираниот хаос во врска со Брегзит, британската Влада  воведе мерка на стабилност и сигурност за неодамнешните странски дипломирани студенти, пренесува агенцијата Анадолија.

„На странските студенти ќе им биде дозволено да останат во Велика Британија уште две години по нивното дипломирање“, соопшти Владата. Новите продолжувања на визи за дипломираните студенти или завршени мастер-студии ќе стапат во сила за оние студенти кои започнале со студии во 2020-2021 година.

Според сегашните регулативи, на дипломираните студенти им е дозволено да останат во земјата четири месеци – регулатива воведена во 2012 година од тогашнaта министерка за внатрешни работи и поранешна премиерка, Тереза Меј.

Продолжувањето на визата ќе биде условно и ќе се однесува на студентите кои студираат на институции кои ги испонуваат правилата за имиграциски проверки на Велика Британија. „Важниот придонес кој меѓународните студенти го даваат за нашата земја и универзитетите е културен и економски. Нивното присуство е во корист на Велика Британија, затоа ние го зголемивме периодот на останување на овие студенти во Велика Британија по нивните студии“, рече Гавин Вилијамсон, британскиот секретар за образование.

„Нашите универзитети се стремат да бидат отворени глобални институции. Воведување на постдипломскиот престој во земјата ќе осигури дека нашиот престижен сектор за високо образование ќе продолжи со привлекување на најдобрите таленти од целиот свет во Велика Британија“, додаде тој. Британскиот секретар за внатрешни работи, Прити Пател, рече дека новата мерка „ја покажува нашата позиција во глобални рамки и покажува дека продолжуваме да ги привлекуваме најдобрите и најпаметните“.