Сто и единаесет верници пријавени да скокаат по осветениот крст во водите на Вардар

126

Сто и единаесет граѓани се пријавени за учество во традиционалното положување на крстот во Вардар, што ќе се одржи на 19 јануари на Богојавление – Водици во центарот на Скопје, информираа денеска за МИА од Скопската епархија.

Се очекува до 19 часот, кога ќе заврши пријавувањето во Македонската архиепископија, бројот да достигне околу 130.

– Пријавените треба да бидат на возраст над 18 години. Досега меѓу пријавените нема жени. Кандидатите прво прават бесплатен лекарски преглед во Спортска медицина, кој е задолжителен, по што се пријавуваат во Македонската архиепископија, информираат од Скопската епархија.

Традиционалниот црковен чин положување на светиот крст во водите на реката Вардар, како што информираат од Скопската епархија, ќе се организира на 19 јануари од 11.30 до 12.30 часот на мостот „Слобода“ кај хотелот „Холидеј Ин“.

Првата богојавленска литија (поворка) е планирана од храмот „Свети вмч. Димитриј“ во Скопје, преку Кејот кај Министерството за надворешни работи до мостот кај хотелот „Холидеј Ин“, а втората литија ќе почне од храмот „Рождество на Пресвета Богородица“ во која ќе учествува и архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан и ќе се движи по Кејот на Вардар и покрај МНР ќе пристигне на мостот.

Претходно, г.г. Стефан во 9 часот ќе богослужи Златоустова литургија во црквата „Рождество на Пресвета Богородица“.

Освен во Скопје, крстови ќе бидат положени и во водите низ останатите скопски општини и градови во државава.

Така, Општина Илинден, во соработка со свештениците од црквата „Свети Константин и Елена“, ќе oрганизира положување на крстот во езерото на хотелот „Белви“, во  населба Илинден.

За таа цел, се повикуваат граѓаните в недела,  со почеток во 12 часот, да присуствуваат на оваа манифестација. Сите заинтересирани што сакаат да учествуваат во фаќањето на крстот можат да се пријават во просториите на црквата „Свети Константин и Елена“ во населба Илинден.

Празникот Водици се слави од вториот век и е поврзан со крштевањето на Исус Христос во водите на реката Јордан од страна на свети Јован, кој оттогаш се нарекува Крстител. Овој празник се нарекува уште и Водици, заради големиот водосвет што го извршува црквата на овој ден. Се верува дека тој што ќе го фати крстот ќе го следи благослов и среќа цела година.