Во Уганда, за првпат по 2013 година, повеќе од тројца луѓе смеат законски да се сретнат без да треба да ја известат полицијата за тоа. Минатата недела делови од Законот за јавен ред, закон кој се користеше против политичките опоненти, беше прогласен за неуставен. Но, повеќето луѓе од Уганда стојат на страна од поголеми групи и остануваат дома за да го контролираат ширењето на коронавирусот, пишува Пејшнс Акуму за Гардијан.

Владата бргу реагираше со затворање на училиштата и универзитетите. Мерките стануваа се построги – затворање на границите, задолжителен карантин, забрана на јавниот транспорт и забрана за продажба на се што не е храна на зелените пазари.

Иако и најжестоките критичари на претседателот Јовери Мусевини, кој е на власт веќе 34 години, се согласуваат со овие мерки, се плашат дека владата може да го искористи коронавирусот како можност за ограничување на политичките слободи.

Остатокот од светот дозна какво е чувството да ти се ограничат човековите права. Сега светот го дозна она што африканските лидери одамна го применуваат кога велат: човековите права се преценети и може да пречат за постигнување на ефикасност.

-Коинциденција е што судската одлука што дозволува јавни собири дјде во време кога не моеме да ја практикуваме слободата на говор, вели Мајкл Абонека, адвокат што работи за Action Aid. -Но, не можеме да ја игнорираме симболиката. Коронавирусот и овозможува на власта да ја стегне тупаницата.

Мад 21 отсто жители на Уганда живеат во сиромаштија. Најмалку 60 отсто може да станат сиромашни за време на оваа катастрофа. ОН веќе предупредија за разорните економски последици на коронавирусот врз Африка.

-Никој не рзмислува што ќе се случи со жените кои повеќе нема да можат да ги продаваат своите слатки или да одат од куќа во куќа да даваат фризерски услуги. Кој размислува за ХИВ позитивните жени кои не можат да добијат лек?, вели Прима Квагала, адвокат за здравствени права и основач на Women’s Probono Initiative.

Таа исто така се прашува како 10 луѓе кои спијат во иста колиба може да одржуваат социјална дистанца; како жените ќе се носат со злоставувачите; како бегалците и номадите кои не знаат за друг живот освен да се преселуваат ќе се снајдат.

Има и луѓе кои воопшто не слушнале за коронавирусот и заразата што се шири.

Под власта на Мусевени, владините службеници, вклучително и неговото семејство, вообичаено патуваат во странство за да добијат медицински услуги и никогаш не го искусиле распадот на некомпетентниот здравствен систем во Уганда.

Уганда троши 60 милиони евра за лекување на луѓето на власт во странство, а има само 55 кревети за интензивна нега на 42 милиони луѓе.

Во Уганда умираат родилки, пациенти лежат по подовите во болниците или на кревети без душек, нема никаква заштита.

Политички моќните луѓе поткупуваат за да излезат од карантин. Телефонските линии за брза помош не работат. Има деца оставени без храна, вода и лекови. Во некои случаи, властите ги одземаат телефоните и компјутерите за да не се шири вистината за состојбата во Уганда. Тука на луѓето што се во карантин им се наплаќаат по 100 долари од ден.

Тука луѓето велат: „На сиромашните им е судено да умрат“. Оваа изрека го добива вистинското значење кога станува збор за Ковид-19. На страна што голем број луѓе, кои живеат од ден за ден, попрво ќе умрат од глад, пред да ги достаса коронавирусот.

Но, Ентони Масаке, активист, вели дека коронавирусот може да им биде добра лекција на африканските автократи.

-Тие имаат пари, подготвени се да побегнат во случај на војна. Ама сега има пандемија и се осудени на истите скапани болници како и сиромашните, вели тој и додава дека по кризата ќе треба сериозно да се разговара за здравствениот систем во земјата.

Најзагрозени од вирусот се луѓето на возраст на 60 години – а токму тие се оние кои имаат власт и моќ.

Извор: Гардијан/ Пејшнс Акуму е слободен новинар од Уганда