Стоп за висококатници во центарот на Скопје!

67

Активистите на Зелен Хуман Град утре со протест пред Јавното обвинителство ќе го кренат својот гласт против почетокот на изградбата на првата висококатница на паркингот пред „Холидеј Ин“.

На протестот ќе побараат веднаш да се запрат градежните активности поради сомнеж за корупција и злоупотреби на службената должност, а од Јавното обвинителство најитно да се произнесе по иницијативата од Државната комисија за спречување на корупцијата.

Сметаат дека Владата треба да одвои средства од централниот буџет доколку Општина Центар нема доволно, за да им се помогне на новомаалци да добијат решение и излез од нехуманите услови во кои живеат.

Бараат од Советот на Општина Центар веднаш да го изгласа елаборатот за суспензија за натамошно спроведување на овој ДУП, Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам најитно да спроведе надзор врз основа на претставката поднесена од Зелен Хуман Град и за локацијата да се распише меѓународен конкурс со кој ќе се гарантира зелено и хумано решение.

Од Зелен Хуман Град наведуваат дека во Македонија годишно умираат повеќе од 3.500 луѓе од загаден воздух и сметаат дека со изградбата на висококатници на тој простор уште повеќе ќе се спречи струењето на воздухот што ќе резултира со уште поголемо негово загадување и дополнително ќе се влоши квалитетот на живот во центарот на Скопје.

– Центарот ќе биде парализиран од сообраќаен метеж и луѓето што живеат и работат во близина нема да може да ги извршуваат секојдневните обврски – сметаат од Зелен Хуман Град.

Жителите на Ново Маало на денешната прес-конференција потенцираа дека 70 години се жртви на институциите и не смееле да направат никаква интервенција на сопствениот дом за колку-толку да си ги подобрат условите за живот.

– Никој нема право да одлучува за нашите имоти и нашите животи и многу важно за сите т.н. активисти: Ново Маало не е јавен простор! Тоа се приватни парцели, приватен имот и ние нема да дозволиме да ја испуштиме оваа шанса кога конечно имаме инвеститор кој преку фер обесштетување ни го решава нашиот децениски проблем – потенцираа жителите на Ново Маало .             

(А.П.)