ПЕТИЦИЈА: Стопирајте го градежното дивеење во Аеродром!

379

Педесетина жители на населбата Мичурин упатија петиција до градоначалникот на општина Аеродром, Златко Марин со цел, како што велат, „да го спречи урбанистичкиот хаос во оваа населба, но и во целата општина“.

– Во нашата населба последниве години ескалира градежното дивеење со изградба на огромни станбени објекти на невозможни локации. Во населба со објекти со просечна висина од три ката, сега се градат монструозни згради од 7, па и 9 ката (со меѓусебно растојание од само неколку метри). Сознанието кое кај нас ја прелеа чашата е тоа дека во постапка за добивање на градежна дозвола е објект од цели 7 ката (П+6+ПК) во аголот од училишниот двор на училиштето “Блаже Конески“ веднаш до улицата „Венијамин Мачуковски“, на местото на постоечка куќа од приземје и еден кат. Градоначалниче Марин, граѓаните на Аеродром вас и вашата екипа соработници ве избраа токму поради вашите јавни и јасно искажани предизборни ветувања дека ќе спречите вакви силувања на јавниот простор во општината – се вели во петицијата потпишана од Димитар Илковски, која е доставена и до весникот ВЕЧЕР.

Понатаму се забележува дека Мичурин е пред сообраќаен и еколошки колапс со веќе изградените огромни станбени објекти при очајна улична мрежа во населбата во која не можат да се разминат две возила без паркинг и тротоари.

– Во таква состојба, вие продолжувате со издавање на нови градежни дозволи, сега и за објекти кои ќе ја загрозат и безбедноста на нашите деца кои го посетуваат училиштето „Блаже Конески“. Имаме сознанија дека еден од сопствениците на куќата на чие место треба да се изгради новата седумкатница е вработена на влијателна позиција во Град Скопје – вели Илковски.

Мичуринци бараат да се намали маркицата на спорниот објект од сегашните П+6+ПК на барем П+4+ПК, како што се и сите останати згради во непосредната околина на улицата „Венијамин Мачуковски“ и околу мичуринскиот парк.

(С.Бл.)