„Моите филмови главно се занимаваат со вечната тема во кинематографијата, тоа е пред сè слободата и љубовта. Нема ништо поиманентно за слободата од идентитетот на човекот, неговиот јазик, неговата култура, неговата духовност и духовноста на средината во којашто живее. Би сакал да скренам внимание на луѓето кои се занимаваат со политика да не забораваат и да не ги занемаруваат тие фундаментални вредности на светската кинематографија и демократија, кои сè почесто се занемаруваат и губат. Да имаат една работа на ум дека со сила и на сила убавина нема”, рече Столе Попов, годинешниот добитник на наградата на Друштвото на филмски работници „Голема ѕвезда на македонскиот филм“ на настанот одржан во Битола по повод 41. издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“

На настанот за одбележување на 41. издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“, кој се одржа вчеравечер во Музеј и завод Битола на еден од најистакнатите личности на македонската кинематографија, режисерот Столе Попов му беше доделена наградата на Друштвото на филмски работници „Голема ѕвезда на македонскиот филм“. Наградата свечено му ја врачи претседателот на ДФРМ, Игор Иванов, кој истакна дека во филмската уметност повеќе од која било друга, националниот предзнак е исклучително важен.

„Ако треба со некое име на автор да ја означам нашата кинематографија, македонската кинематографија – тоа несомнено е Столе Попов“, рече Иванов потсетувајќи на најважните награди признанија на Попов која кулминираше со номинацијата за Оскар за документарен филм во 1979 година, за „Дае“. „Филмовите на Столе Попов не излегуваа од киносалите, репликите од неговите филмови се дел од урбаниот живот и жаргон на скопјани, на луѓето од Битола, на сите кои живееме овде. Тој е несомнено еден од најголемите културни дејци на времето кое го живееме и во годината во која нашето Друштво на филмските работници на Македонија ја одбележува 70-годишнината од своето постоење, исклучително ми е драго што нашето најголемо признание ‘Големата ѕвезда на македонскиот филм’ ќе му ја доделиме на Столе Попов“, додаде Иванов.

Заблагодарувајќи се за наградата Попов рече дека секоја награда со годините може да се релативизира, но сепак има два типа на признанија кон кои не може да биде индифирентен и ги прима со голема радост, а тоа се наградите од публиката и од колегите. „Секој што се занимава со филм знае за тешкиот и макотрпен пат да се дојде до филм, тоа се илјадници помали и поголеми битки, од најтешката битка со самиот себе си за да се оствари визијата која ја носите во себе и на најсугестибилен начин да ги придобиете соработниците со кои работите за да од практично ништо направите нешто што публиката ќе го засака и ќе го гледа и тоа нема да се изгуби со текот на времето. Моите филмови главно се занимаваат со вечната тема во кинематографијата, тоа е пред сè слободата и љубовта. Нема ништо поиманентно за слободата од идентитетот на човекот, неговиот јазик, неговата култура, неговата духовност и духовноста на средината во којашто живее. Би сакал да скренам внимание на луѓето кои се занимаваат со политика да не забораваат и да не ги занемаруваат тие фундаментални вредности на светската кинематографија и демократија, кои сè почесто се занемаруваат и губат. Да имаат една работа на ум дека со сила и на сила убавина нема”, рече Столе Попов.

„Браќа Манаки“: Традицијата продолжува во скратена и изменета форма

На настанот присуствуваа почитувачи на фестивалот од Битола, министерката за култура, Ирена Стефоска, директорот на Агенцијата за филм, Горјан Тозија, филмски професионлаци, претставници на дипломатскиот кор, љубители на филмската уметност.

Пред присутните гости се обрати покровителот на фестивалот, Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, кој рече дека „Браќа Манаки“ е еден од најзначајните културни настани во нашата земја. „Благодарение на овој фестивал, Битола и нашата држава се препознаени во светот на седмата уметност. За жал, годинава го нема црвениот тепих и препознатливиот гламур пред Центарот за култура во Битола, ги нема филмските проекции и полната киносала… Пандемијата со Ковид-19 ги промени сите планови и предвидената програма за 41. издание на ‘Браќа Манаки’. Сепак, традицијата продолжува, и во скратена и во изменета форма фестивалот и понатаму живее“, рече претседателот и посочи дека токму деновите на пандемијата покажаа колку е важна уметноста и која е моќта и улогата на филмот. „Се разбира дека искуството на гледање филм на големото филмско платно е незаменливо и верувам дека со нормализирањето на состојбата, повторно, со зголемен ентузијазам и со љубопитност ќе се вратиме во кината“, додаде Пендаровски.

Камински: Едвај чекам да се видиме во Македонија

Возбудлив момент на ова одбележување на 41. издание на „Браќа Манаки“ беше обраќањето на годинашниот лауреат на „Златна камера 300“ за животен опус, оскаровецот Јануш Камински, големиот полско – американски и светски кинематографер, кој своето обраќање го почна на македоски јазик: „Здраво пријатели, како сте? „Огромна чест ми е што сум добитник на Наградата за животно дело на ИФФК „Браќа Манаки“… Едвај чекам да ја посетам Битола, едвај чекам да се сликам пред споменикот што ги прикажува браќата Манаки. Какви изумители! Какви иноватори! Ја создале современата кинематографија! Освен тоа, не можам да ви опишам колку ми е мерак што ќе ја посетам Македонија и ќе пијам мастика. Од друга страна, на полично ниво, морам да се пофалам каква среќа имам што сум кинематографер. Мислам дека тоа е најчудесната професија на светот, да можеш да се изразиш себеси естетски и уметнички преку светлината и сенките. Тоа е уметничка форма што полека, но сигурно исчезнува. Би сакал да ја нагласам важноста на визуелното раскажување. Би сакал да ја нагласам важноста на сенките и светлината. На сите млади кинематографери им порачувам – мора да работите на вашата уметност, мора да работите на вашиот занает. Работата не е во тоа само да покажете слика, поентата е во визуелните метафори, во раскажувањето приказна преку композицијата, движењето на камерата, и светлината и сенките. Едвај чекам да се видиме во Македонија“, порача Камински.

На настанот говореше и градоначалничката на Битола, Наташа Петровска, која рече дека „Браќа Манаки“ го одржува пулсот на Битола и важно е да се сочува фестивалот, дури и во вакви околности, како пандемијата, а преку видео порака се вклучи и Кеес ван Острум, новоизбраниот претседател на ИМАГО, меѓународната асоцијација на кинематограферите, која во „Браќа Манаки“ препозна свој партнер уште од 1995 година.

Се обрати и амбасадорката на САД, Кејт Мари Брнс која рече дека луѓето на кои им е посветен овој фестивал – кинематограферите, се срцето на филмот. „Г-дине Камински, со вашата неприкосновена исклучителност направивте едни од највпечатливите и најважни филмови во последниот четврт век да бидат доживеани на филмското платно. Г-дине Попов, со вашата исклучителна работа придонесувате не само за афирмацијата на националната кинематографија, туку придонесувате и кон светското филмско богатство“, рече амбасадорката Брнс.

Од името на фестивалот зборуваше директорката на “Браќа Манаки“, Гена Теодосиевска, која кажа дека веќе се подготвува следното издание. „Подготвуваме квалитетна програма за да поканиме филмски уметници кои ќе бидат вистинските јунаци на новите слики, да ни дојдат гости и посетители од целата наша земја, регионот, како и што се случуваше во последните години…“, посочи таа. Како што е познато, годинава УО на ДФРМ донесе одлука дека ИФФК „Браќа Манаки“ нема да се одржи во својата реална форма, туку со еден централен настан, а основен мотив за оваа одлука е зачувувањето на здравјето на публиката, гостите и филмските работници.