Стоев на средба со Кулханек: Од С Македонија очекуваме конструктивен одговор за одржливо и трајно решение

26

Бугарија е отворена за активен дијалог и во изминатите денови се прави се што е можно од бугарска страна, како и од страна на Северна Македонија, за градење позитивна атмосфера и обновување на довербата во билатералните односи, ова го порачал шефот на бугарската дипломатија Светлан Стоев на средба во Софија со неговиот чешки колега Јакуб Кулханек.

Стоев, како што јави дописникот на МИА од Софија, исто така рече дека во однос на Северна Македонија имаат целосен континуитет во својата позиција, и оти за Бугарија е од клучно значење одржувањето на добрососедските односи и добивањето неопходни гаранции за исполнување на Договорот за добрососедство.

-Од нашиот најблизок сосед очекуваме конструктивен одговор за изнаоѓање одржливо и трајно решение, што ќе придонесе за безбедноста и просперитетот не само на нашите две држави, туку и за целиот регион, рече Стоев.

Од своја страна, шефот на чешката дипломатија, рече дека Прага прави напори да се одблокира процесот на проширување и да се покаже дека заедничката европска иднина е реална. Тој се заложи за одржување на првата меѓувладина конференција со С Македонија што е можно поскоро.

Кулханек исто така изјави дека тоа е само еден чекор од еден многу сложен пат, истакнувајќи дека ги поддржува државите од Западен Балкан да станат полноправни членки на ЕУ.

И двајцата министри ја потврдија европската перспектива на Западен Балкан.