Стигна есента – ново годишно време во кујната: Направете супа од тиква и тиквички

345

Здрав, посен и топол оброк. Оваа ароматична, хранлива, освежителна и здрава чорба, која воедно и лесно се подготвува може да ја јадете секој ден.

Тиквата има потврдени лековити својства и идеална е во борба против срцеви заболувања, ризикот од карцином и мозочен удар. Изобилува со хранливи материи, а нејзиниот состав го сочинуваат високо ниво на антиоксиданси и каротен, и особено високо ниво на витамин Ц и Е.

Зелената млада тиквичка пак, исто така содржи многу витамини и минерали и нејзината консумација има позитивно влијание врз срцето и крвните садови, покачениот холестерол и триглицериди во крвта, како и кај лицата со дијабетес.

Комбинацијата од зеленчуци со богат состав на благотворни материи ја прави оваа чорба „кралица“ на есенската трпеза.

Потребни состојки:

  • 300 грама тиква
  • 3 моркови
  • 1 помала тиквичка
  • 1 компир
  • 1 главица кромид
  • 3 чешниња лук
  • сол, бибер, куркума
  • две коцки за супа (зеленчуков бујон)
  • магдонос
  • маслиново масло

Подготовка:

Исецкајте го кромидот и лукчето и ставете ги да се пржат на путер во поголемо тенџере (во кое ќе ја варите чорбата), додека малку не заруменат. Тиквата, тиквичката, компирот и морковот нарендајте ги на крупната страна на рендето и откако кромидот ќе добие златно-жолта боја, додадете ги во тенџерето да се издинстаат. Посолете ги, ставете малку бибер и динстајте ги неколку минути.

Откако зеленчукот ќе се издинста, во тенџерето додадете 1,5 литар зовриена вода, во која претходно сте ги додале двете коцки за супа.

Оставете чорбата да врие 5 минути, а кога ќе биде готова додадете ситно сецкан магдонос и половина лажичка куркума.

Доколку сакате да ја „омрсите“ чорбата може да ја сервирате со топчиња павлака. Уживајте во вкусот!