Стечај, ликвидација или бришење за 3.500 фирми кои ги заобиколиле законските обврски

Фирмите не поднеле годишна сметка, не дале адреса на електронско сандаче или не го уплатиле основачкиот влог. Нивните застапници имаат рок од една година да ја исполнат обврската за да продолжат со деловната активност, или да побараат стечај, односно ликвидација. Во спротивно ќе ги избрише Централниот регистар, а сопствениците нема да можат да отворат фирма три години

485

Централниот регистар го објави годинешниот список  на фирми на кои им се заканува бришење од трговскиот регистар. Во него се над три илајди угостителски објекти, градежни фирми, конфекции, превозници, спортски обложувалници, фризерски салони, колонијали, фирми за видео продукција, производители на храна, консалтинг фирми… но и еден стечаен управник… кои до крајот на минатата година не поднеле годишна сметка за 2019 година и пријава за упис на адреса на електронско сандаче. На истиот список се и новоосновани фирмите кои цела една година не го уплатиле основачкиот влог.

Бришењето ќе го избегнат само оние кои во рок од една година ќе ги отстранат причините поради кои се нашле на списокот, односно ќе достават годишна сметка, адреса на поштенско сандаче, или ќе го уплатат основачкиот влог.

– Централниот регистар на Република Северна Македонија, согласно член 552-а од Законот за трговските друштва(Сл. Весник на РМ бр.28/04, 84/05, 25/07, 87/08, 42/10, 48/10, 24/11, 166/12, 70/13, 119/13, 120/13, 187/13, 38/14, 41/14, 138/14, 88/15, 192/15, 6/16, 30/16, 61/16,64/18, 120/18, 290/20) , објавува список на трговци поединци и трговски друштва над кои Централниот регистар на Република Северна  Македонија спроведува постапка за бришење во врска со член 552-б од истиот закон, поради тоа што: до 31.12.2020 година до Централниот регистар на Република Северна  Македонија не поднеле годишна сметка за деловната 2019 година и/или не поднеле пријава за упис на адреса на електронско сандаче за прием на писмена согласно член 21 од Законот за едношалтерскиот систем и за водење на трговски регистар и регистар на други правни лица(Сл.Весник на РМ бр.84/05, 13/07, 150/07, 140/08, 17/11, 53/11, 70/13, 115/14, 97/15, 192/15, 53/16, 98/19) и/или по истекот на една година од објавувањето на уписот на веб страницата на Централниот регистар на Република Северна Македонија за извршениот упис на основање согласно со членот 175 од Законот за трговските друштва, не го внеле/уплатиле основачкиот влог, стои во објавата.

Законските застапници, содружниците или доверителите на фирмите од списокот имаат рок од една година,  поточно до 29 јануари наредната година, да побараат стечај или ликвидација. Во спротивно бришењето ќе го изврши Централниот регистар.

– Ако во рок од една година Централниот регистар на Република Северна Македонија не добие писмено известување за поднесен предлог за ликвидација, односно предлог за отворање стечајна постапка од страна на овластен подносител, го брише субјектот и бришењето го објавува на својата веб-страница, информираат од Централниот регистар.

Дури и ако добие известување дека е побаран стечај или ликвидација, Централниот регистар повторно ќе изврши бришење, ако тие постапки не почнат во рок од една година.

– Ако во рок од една година Централниот регистар на Република Северна Македонија не добие писмено известување за поднесен предлог за ликвидација, односно предлог за отворање стечајна постапка од страна на овластен подносител, го брише субјектот и бришењето го објавува на својата веб страница. Доколку за субјектите од списокот е евидентирано писмено известување за поднесен предлог за ликвидација, односно предлог за отворање стечајна постапка од страна на овластен подносител, во рок од една година од истекот на рокот од претходниот став, Централниот регистар не добие решение за отворена стечајна постапка, односно не е отворена постапка за ликвидација, го брише субјектот и бришењето го објавува на својата веб-страница, појаснуваат од Централниот регистар.

Инаку, списокот на фирми за бришење постојано  се ажурира со тоа што од него се вадат трговците поединци и трговските друштва кои ги отстраниле причините поради кои биле ставени на списокот, како и оние кои се во стечај или ликвидација. Така, според последното ажурирање, до четвртокот на списокот за бришење имаше околу 3.400 деловни субјекти.

Стечајот и ликвидацијата на фирма носат финансиски обврски за сопственикот. Бришењето, пак, што ќе го изврши Централниот регистар е бесплатно, но во тој случај, лицето чија фирма е избришана не смее да отвори нова наредните три години.

(С.В.)