Враќањето во игра на првата ѕвезда на тимот Голден Стејт, Стеф Кари ќе биде одложено за неодредено време, потврдија челниците на клубот. Се очекуваше бекот да го запише својот прв настап против Вашингтон, но тоа не се случи.

Тимот од Калифорнија објави дека стрелецот не е во состојбата, во која се очекуваше да биде и неговото враќање ќе се случи „во одреден момент во март“. Кари се повреди на почетокот од сезоната кога доби скршеница на раката и мораше да биде подложен на операција. Тој оттогаш не играл, а без него „воините“ го имаат најлошиот скор во НБА – 12: 47.

-Стеф не беше особено задоволен од нашата одлука, но исто така разбра дека треба да бидеме што е можно повнимателни. Тој сакаше да игра, но не треба да брзаме и да му дадеме уште некое време, рече тренерот на тимот Стив Кер.

Што се однесува до натпреварите во најсилната лига Хјустон го победи Бостон со 111:110. Иако Селтикс успеаја да го сопрат лидерот на тимот Џејмс Харден во поголемиот дел од второто полувреме и во продолжението. Сепак, Расел Вестбрук ја презеде „штафетата“ од неговиот соиграч и заврши со 41 поен. Харден не постигна кош долго време и на крајот заврши со 21, откако погоди две слободни на 25 секунди пред крајот.

Џејсон Тејтум постигна 32 поени и 13 скока за Бостон, Маркус Смарт додаде 26 поени, а Браун заврши со 22.

Мемфис го победи Лос Анџелес Лејкерс со 105:88, откако веројатно овие два тима ќе се сретнат и во првото коло од овогодишниот плејоф. Дебитантот Џа Морант постигна 27 поени и рекордни 14 асистенции, додека Леброн Џејмс заврши со 19 поени и 10 асистенции.

Резултати: Њујорк – Чикаго – 125:115, Атланта – Портланд – 129:117, Мајами – Бруклин – 116:113, Кливленд – Индијана – 104:113, Мемфис – ЛА Лејкерс – 105:88, Бостон – Хјустон – 110:111 по продолжение, Сан Антонио – Орландо – 114:113, Феникс – Голден Стејт – 99:115