Стефоска: Ковид остави без работа 14.000 млади, поддршка за таленти и во 2021

489

Поддршката на младите уметници ќе биде еден од приоритетите на Министерството за култура за идната година, истакна министерката Ирена Стефоска во експозето за предлог-буџетот за 2021 кое го објави деновиве.

„И во оваа прилика сакам да повторам дека поддржувајќи ги младите, Министерството не дискриминира по ниту еден основ, вклучително и по основ на возраст. Напротив. Ги охрабруваме сите, заедно, креативно, иновативно и со високо чувство на солидарност да го споделиме она што го имаме. Солидарноста им прилега на културните работници и на уметниците. Ковид не е изговор, Ковид е состојба која кај нас, покрај сето зло, остави и без работа 14.000 млади. А сега е нивното време. Младите најлесно ги прескокнуваат бариерите и нè носат на нови хоризонти“, истакна министерката Стефоска истакнувајќи ги заложбите на Министерството за култура за стимулирање на младите во сите сегменти.

На прашањето на весникот „ВЕЧЕР“, пак, во што ќе се состои таа поддршка, министерката со одговор дека Министерството секоја година има конкурс за млади таленти така што овој конкурс деновиве ќе биде објавен.

„Тоа е редовна постапка секоја година. Имајќи го предвид годинашниов конкурс за проекти од Национален интерес во културата за поддршка на младите таленти и сите оние којшто досега не биле поддржани од Министерството обезбедивме односно рековме дека тоа е еден од нашите приоритети. Така што тоа е наведено во конкурсот и може да се прочита“, одговори Стефоска.

Таа воедно истакна и потсети дека лично ги посетува спомениците од Втората светска војна во Македонија за да види во каква состојба се тие на терен. „Зошто? Заради тоа што тоа сеќавање мораме да го негуваме за младите генрации да растат со вредностите на антифашизмот како темел на нашата државност“, додаде Стефоска.  (Н.И.Т.)