Стерјовски го посоветува Мајко да го види примерот со С. Македонија што значи дијаспора на една земја и грижата за неа

145

Пратеникот од Македонска алијанса за европска интеграција, Васил Стерјовски, на денешната пленарна седница на албанскиот Парламент, образложувајќи ја иницијативата за измени и дополнувања на Законот за дијаспора, на ресорниот министер Пандел Мајко, му даде одговор на она што тој го негира и тврди дека нема земја во светот каде се признава дијаспора по државјанство, посочувајќи го примерот со Северна Македонија.

Всушност на иницијативата на Стерјовски, поддржана од повеќето здруженија кои ги бранат правата на националните малцинства во Албанија, и припадниците на малцинствата соодветно да се третирани и помагани, од Министертвото за Европа и надворешни работи, како што рече тој, добиле одговор дека поединците кои припаѓаат на националните малцинства се албански граѓани и како такви ги уживаат сите права да бидат активен дел од дијаспората, дека се сметаат за нејзин дел во согласност со одредбите од законот за дијаспора и останува непотребно од оваа причина да се вклучат во законот како припадници на национално малцинство.

– Од друга страна, министерот за дијаспора Пандели Мајко на седница на Комисијата за надворешна политика ми одговори дека не постои меѓународно признаен модел на третман на припадниците на националните малцинства како дијаспора, кога нејзините членови одлучуваат да ја напуштат земјата чие државјанство го имаат. Односно дека законодавството за третман на националните малцинствата е различно од тоа за третманот на дијаспората. Третманот на националните малцинства со статус на „дијаспора“, надвор од државните граници, не може да се направи врз основа на принципот на државјанство, рече Стерјовски.

Не мора да гледа подалеку, додаде Стерјовски и го посоветува Мајко да го види примерот со Македонија.

– Во врска со објаснувањето на министерот Пандели Мајко, дека не постои меѓународно признаен модел на третирање на припадниците на националните малцинства како дијаспора, кога нејзините членови ќе решат да ја напуштат земјата чие државјанство го имаат, еве го примерот со нашиот источен сосед, како Македонија ја третира македонската дијаспора! Институциите кои се занимаваат со македонската дијаспора ги третираат еднакво сите македонски граѓани во дијаспората, без оглед на етничката припадност, без разлика дали се тоа Македонци, Албанци, Турци, Власи, Срби, Бошњаци, Египќани. Истакнати личности од македонската дијаспора од сите етнички заедници се поканети на сите активности за македонската дијаспора организирани од македонските институции на власта. Кога ќе заминат во странство да ги посетат местата каде што има македонска дијаспора, министерот за дијаспора и директорот на Агенцијата за иселеништво се среќаваат со сите претставници на македонската дијаспора, без оглед на нивната етничка припадност, како што се Македонците, Албанците, Турците, Ромите, Власите, Србите, Бошњаците, Египтјаните и други, посочи Стерјовски.

Илустрираше дека во последните 10 години „релевантните институции за дијаспората во државата Македонија доделија околу 400 проекти“.

– Тие проекти кои ги користеа сите македонски граѓани и здруженијата што ги претставуваат, односно припадниците на македонската дијаспора од сите етнички заедници, без никакви предрасуди. Македонската држава ги финансира и наставниците на мајчин јазик за припадниците на етничките заедници, кои живеат и работат во странство, односно во светот, рече Стерјовски.

За жал, според Стерјовски, министер за дијаспора и државните агенции што се занимаваат со дијаспората не се грижат за припадниците на националните малцинства во дијаспората.

– На двата самита на дијаспората, не беше поканет ниту еден познат албански граѓанин кој припаѓа на некое национално малцинство или, од албанскиот фонд за развој на дијаспора досега не се финансирал ниту еден поединц или здружение што ги претставува националните малцинства во албанската дијаспора и покрај фактот што овој фонд е финансиран од сите албански даночни обврзници, вклучително и со даноците од припадниците на националните малцинства како лојални државјани на нашата земја, рече меѓу другото Стерјовски.

Нагласи дека од контактите што ги имале со истакнати личности на националните малцинства во дијаспората, но исто така и со здруженијата на овие национални малцинства, тие се чувствуваат исклучени и дискриминирани од институциите на власта на Република Албанија кои се занимаваат со третманот на дијаспората.

– Овие албански граѓани даваат важен придонес за социо-економскиот развој на земјата, но исто така и за општата афирмација на Албанија во земјите каде што живеат и престојуваат. Со начинот на кој НИЕ ги третираме, за жал, нив ги губиме, несвесно или би рекол неслучајно. Дијаспора за државата Албанија не може да бидат само етничките Албанци кои живеат и престојуваат во странство. Дијаспора за државата Албанија се и припадниците на малцинските етнички заедници во Република Албанија – Грците, Македонците, Власите, Ромите, Србите, Црногорците, Бошњаците и Египќаните, кои како албански државјани живеат и престојуваат во странство, рече тој.

Посочи дека и албанските државјани – припадници на малцинствата кои живеат и престојуваат надвор од границите на Република Албанија во светот, се организирани во здруженија, тие и натаму се државјани на оваа земја, и натаму се нејзини лојални граѓани.

– Припадници на албанската дијаспора се сите нејзини државјани во светот, надвор од нејзините граници, независно од етничкото потекло и верското уверување. И токму затоа државата треба да се грижи за сите нив, подеднакво, да ги одржува врските и да го помага нивниот културен развој, каде тие и да се, смета Стерјовски.

За предлогот на Стерјовски гласаа 19 пратеници, 84 беа против додека шестмина апстинираа.