Музички инструменти, пултови и опрема за сценскиот звук и осветлување во вредност од околу 663.000 евра, е јапонска донација со која ќе се подобри квалитетот на оперските и балетските изведби во Националната опера и балет. Координацијата и испораката на оваа странска помош е спроведена преку Секретаријатот за европски прашања во соработка со Јапонската амбасада во С. Македонија, јапонската организација за меѓународна соработка “JICA“ и македонското Министерство за култура.

„Со оваа донација значително ќе се придонесе за подобрување на условите и квалитетот на изведбите и истовремено ќе се поддржи културната промоција пред националната и светската публика. Со овој проект се продлабочува и културната соработка со Јапонија“, истакна Никола Димитров, заменик/претседател на Владата задолжен за европски прашања во својство на национален координатор за странска помош.

Според јапонскиот амбасадор Савада Хиронори, ова е втор грант на Јапонија доделен на Македонија на полето на културата по оној на Филхармонијата.

„Јапонија е силно посветена на поддршката на Македонија клучна за нејзина интеграција во Европската унија. Поддршката е во насока и на подобар перформанс на НОБ, како и таа да придонесе за градење на врските меѓу двете земји“, истакна амбасадорот Хироноари.

И министерката Ирена Стефоска вчера потврди дека донацијата ќе го збогати звукот и ќе го подобри квалитетот на изведбите под овој покрив.

„Верувам дека тоа ќе ги мотивира и  уметниците  за поголема креативност на сцената и страст во музицирањето што на крајот ќе биде врвно уживање за публиката“, истакна Стефоска, која донацијата ја опиша со три збора: „мотив, квалитет, аплауз“.

Донацијата е во рамките на „Проектот за подобрување на музичките инструменти и опремата за озвучување и осветлување на Националната опера и балет“.

„Се сеќавам на моето присуство тука, во ова фоаје пред речиси две години во декември 2019, при потпишувањето на документите за грантот од областа на културата. Во тоа време никој не можеше да претпостави дека светот ќе ја доживее ковид-19 пандемијата и ќе ги промени животите на речиси секој човек на планетава. И покрај сите пречки и предизвици од оваа пандемија, ние успешно го реализиравме проектот, доведувајќи го до оваа финална фаза на примопредавање“, истакна главниот претставник на “JICA“ (за Балканот – Такеичи Џиро) кој укажа на одличната соработка со Националната опера и балет, Секретаријатот за европски прашања, Министерството за култура и другите релевантни институции во Северна Македонија.

Директорот на НОБ, Васо Ристов, посочи дека овие нови инструменти, како и опремата за осветлување и озвучување ќе и овозможат на Националната опера и балет успешна нова сезона, како и многу сезони потоа. (Д.Т.)