Изборната кампања за локалите избори закажани за 17 октомври почнува утре и ќе трае 20 дена пред денот на изборите, до 15 октомври пред полноќ. Учесниците на изборите, политичките партии и независните кандидати веќе го најавија почетокот на кампањата, како и активностите што ќе следуваат. Ќе се изнаслушаме сè и сешто, ветувања до бескрај. Секој сака да освои глас повеќе кој ќе го однесе до победа. Во изборниот натпревар, според статистиката на ДИК, влегуваат близу 11 илјади кандидати за градоначалници и советници во 80 општини во земјава и градот Скопје. На овие избори најмногу кандидати има за Скопје – 12, а потоа се Струга и Долнени, со по осум кандидати, додека во десетина општини има само по двајца претенденти за градоначалничка функција. Независни се 24 кандидати.

Ова се седми по ред локални избори, 25 години по првите локални избори по осамостојувањето кои се одржаа во ноември 1996 година. Последните локални избори се одржаа во октомври 2017 година. На овие локални избори настапува радикална промена на “партиските” бои на локално ниво. СДСМ од четири преминува на освоени 57 градоначалнички позиции, ВМРО-ДПМНЕ од 56 се сведува на победа во само 5 општини.

 

 Стартува изборната кампања. Политичките ривали во наредните две недели, поточно до 15 октомври, ќе треба да ги убедат граѓаните да гласаат за овој или оној кандидат. Резултатот ќе биде познат на 17 октомври кога е гласањето за советници и градоначалници во 80 општини во Македонија и во градот Скопје. Во изборниот натпревар, според статистиката на ДИК, влегуваат близу 11 илјади кандидати за градоначалници и советници. ДИК, претходно, потврди 303 листи за градоначалници и 567 за советници. Во трка  за градоначалник на Град Скопје учествуваат дури 12 кандидати.

Таму каде што кандидатите нема да се изберат во првиот круг, ќе има втор, кој е предвидено да се одржи на 31 октомври. Ова се седми по ред локални избори, 25 години по првите локални избори по осамостојувањето кои се одржаа во ноември 1996 година.

Партиите настапуваат самостојно или во коалиции во зависност од општините и постигнатите меѓусебни договори. Од поголемите партии, на Единствената листа на кандидати, Демократската унија за интеграција е под број 3, Алијанса за Албанците под број 5, ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Обнова на Македонија“ под број 7, Социјалдемократскиот сојуз на Македонија под број 9, Алтернатива под број 10, Демократската партија на Албанците под број 11, БЕСА под број 16…. На листата се наоѓаат и помали партии, коалиции, а има и голем дел независни кандидати.

За првпат годинава на денот на изборите ќе бидат применети терминали за отчитување на отпечаток од прст на гласачите за што од страна на претставници од германската фирма „Дермалог“ се спроведува едукација на членовите на избирачките одбори. Првите терминали веќе се пристигнати во земјава, а до 1 октомври треба да пристигнат и останатите. Изборите ќе се спроведат со почитување на сите мерки и протоколи за заштита од ковид-19. Ден пред одржувањето на изборите, ќе гласаат старите и изнемоштени лица и затворениците, како и лицата кои се во домашен карантин поради позитивен тест на ковид-19 и оние кои се во самоизолација.

На локалните избори закажани за 17 октомври ќе може да гласаат 1.824.864 граѓани.

Од вкупниот број гласачи, во изводите на Избирачкиот список се запишани 1.740.147. Во Посебните извори од Избирачкиот список се запишани 82.461 лица, кои се на привремена работа или престој во странство, согласно евиденцијата на надлежниот орган, 1.899 гласачи кои на денот на изборите се на издржување казна затвор или се во притвор, 351 лице во установи за вонсемејно сместување и шест гласачи кои, согласно евиденцијата на Министерството за труд и социјална политика, се запишани како раселени лица.

Досега најголемите политички партии од македонскиот блок, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, се со нерешен резултат во изборна победа 3:3. Партијата на Албанците, ДУИ за прв пат се појавува на локалните избори во 2005 година и од тогаш оваа партија успева да ја задржи доминацијата на локално ниво во однос на другите партии од албанскиот политички блок.

Последните локални избори се одржаа во октомври 2017 година. На овие локални избори настапува радикална промена на “партиските” бои на локално ниво. СДСМ од четири преминува на освоени 57 градоначалнички позиции, ВМРО-ДПМНЕ од 56 се сведува на победа во само 5 општини. Овие избори за ДУИ значат загуба на четири општини.

ЛОКАЛНИ ИЗБОРИ 2017- РЕЗУЛТАТ

Право на глас имале 1.814.644 граѓани запишани во избирачкиот список. 45 општини добиле градоначалник во првиот круг, додека во 35 имало втор круг. СДСМ во прв круг победил во 37 општини и во градот Скопје, ВМРО-ДПМНЕ победил во три, а ДУИ во две општини. Во вториот круг СДСМ победил во 19 општини, ДУИ во осум, а ВМРО-ДПМНЕ во две. Три градоначалници освои Алијанса за Албанците, додека Беса и ДПА добиле по еден мандат.

На локалните избори се избирало помеѓу 260 кандидати за 81 градоначалничко место. Од нив, 196 биле кандидати предложени од партии или коалиции, а 64 биле независни кандидати. Најголема конкуренција имало за градоначалничкото место во Скопје, каде се избирало помеѓу осум кандидати.

На чело на град Скопје по локалните во 2017 година застанува Петре Шилегов.

Според распоредот на силите и кандидатите, аналитичарите велат дека ова ќе бидат исклучително интересни избори, бидејќи во повеќето општини резултатот ќе биде неизвесен до самиот крај, а во многу малку општини може да се предвиди кој кандидат ќе победи уште во првиот круг.

Скопјани ќе избираат меѓу 12 кандидати за градоначалник. Ова е досега најголем број на кандидатури поднесени за локални избори во главниот град. Актуелниот градоначалник Петре Шилегов, кој на претходните избори победи во првиот круг, повторно ќе има поддршка од ДУИ, како и од ДПА и Беса. Но, овој пат гласовите на Албанците се расцепкани, затоа што опозициската Алијанса за Албанците најави поддршка за независниот кандидат Данела Арсовска, кандидатка што ја поддржува и најголемата опозициона партија, ВМРО-ДПМНЕ. Бени Шаќири е кандидиран од ЛДП и ДОМ, адвокатот Александар Тортевски од Твоја партија, Петар Георгиевски од Левица, Ана Петровска од коалицијата „Зелен хуман град“… За скопски Центар се кандидирани 7 лица за градоначалник и 10 советнички листи. СДСМ во оваа општина оди со Горан Герасимовски, а ВМРО-ДПМНЕ со Наташа Котлар. ЛДП и ДОМ го кандидираа Антони Новотни. Во Карпош ќе се бира меѓу 6 кандидати за градоначалник и 10 советнички листи. Од поголемите партии ќе се соочат Душко Весковски од СДСМ, Оливер Зафировски од ВМРО-ДПМНЕ, Стевчо Јакимовски од ГРОМ, Дарко Ристовски од Левица и Христа Најданов  од ЛДП и ДОМ.

Со сегашните градоначалници СДСМ и на овие избори ќе оди во Кисела Вода, Гази Баба, Ѓорче Петров и повеќе мали општини. ВМРО-ДПМНЕ, пак, оди со нов кандидат за Аеродром, пратеникот Тимчо Муцунски, кој ќе му се спротивстави на Александар Филиповски од СДСМ.

Раситнување на партиските гласови се очекува и во Куманово, меѓу кандидатот на СДСМ, Оливер Илиевски и актуелниот градоначалник, Максим Димитриевски. ВМРО-ДПМНЕ оди со актерот Тони Михајловски.

 

ЛОКАЛНИ ИЗБОРИ ОД 1996 ДО ДЕНЕС

 Пенов, Костовски, Трајановски, Шилегов…

 1996 година-Првите локални избори по осамостојувањето се одржале во ноември 1996 година. Биле спроведени во тогаш постоечките 123 општини во земјава, плус градот Скопје. На овие избори, според освоените градоначалнички места, победа извојувала СДСМ со 50 градоначалници, ВМРО-ДПМНЕ  освоила 30, тогашната ПДП со свој кандидат победила во 20 општини, а СПМ во 10. На овие локални избори регистрирана е победа на еден независен кандидат. На овие избори Ристо Пенов станува прв официјален градоначалник на Град Скопје.

2000 година-Првата половина на септември 2000-та, граѓаните гласаат на нови локални избори во 123 општини и градот Скопје. Овие избори се вовед во промена на власта – победа извојува ВМРО-ДПМНЕ со освоени 59 градоначалнички места, СДСМ во однос на претходните локални избори во 2000-та “паѓа” на 32 освоени општини, а ПДП се искачува на 32. На овие избори, СДСМ извојува “победа” на советничките листи со освоени 736 советнички места, далеку повеќе од ВМРО-ДПМНЕ. Ристо Пенов е реизбран за градоначалник на Град Скопје.

2005  година-На 13. и 27 март се одржуваат локални избори по нов модел – први по децентрализацијата, односно територијалната поделба на ниво на државата. На овие избори граѓаните гласаат за градоначалници на 83 општини и град Скопје. На овие локални избори СДСМ ја “враќа во раце” локалната власт со освоени 36 градоначалнички места, додека ВМРО-ДПМНЕ победува во 21 општина. На овие избори за прв пат игра и ДУИ која извојува победа во општини со доминантно албанско население. На чело на град Скопје застанува Трифун Костовски кој во изборната трка влезе како независен кандидат.

2009  година –Заедно со претседателските, во март 2009 година се спроведуваат нови локални избори. Во однос на локалните во 2005 година , СДСМ доживува “дебакл” сведувајќи се на победа во само седум општини: Вранештица, Дебарца, Карпош, Куманово, Ново Село, Струмица и Охрид. ВМРО-ДПМНЕ извојува победа во дури 55 општини, а ДУИ во 14.На чело на град Скопје доаѓа Коце Трајановски од победничката ВМРО-ДПМНЕ.

2013 година –На крајот од март и почетокот на април 2013 година се одржаа петти по ред локални избори. ВМРО-ДПМНЕ на овие избори извојува силна победа во 56 општини – една повеќе од локалните во 2009 година. СДСМ на овие избори излегува како губитник со освоени само 4 општини –  Центар, Струмица, Куманово и Ранковце. ДУИ и на овие локални избори ја задржува власта на локално ниво во 14 општини односно градови.

Коце Трајановски ја добива довербата за втор градоначалнички мандат за Град Скопје.

2017 година –Шестите по ред локални избори се спроведуваат во октомври 2017 година.  Се гласа во 80 општини, плус градот Скопје. Дури 45 кандидати извојувале победа уште во првиот изборен круг. На овие локални избори настапува радикална политичка промена. СДСМ од четири преминува на освоени 57 градоначалнички позиции, ВМРО-ДПМНЕ од 56 се сведува на победа во 5 општини. Овие избори за ДУИ значат загуба на четири општини. На локалните избори се избирало помеѓу 260 кандидати од нив, 196 биле кандидати предложени од партии или коалиции, а 64 биле независни кандидати. Најголема конкуренција имало за градоначалничкото место во Скопје, каде се избирало помеѓу осум кандидати. На чело на град Скопје по локалните во 2017 година застанува Петре Шилегов.

 

Жени малку, ама вредни

Огромен родов дисбаланс може да се забележи во кандидатите за градоначалници на претстојните локални избори кои ќе се одржат на 17 октомври. Според статистичките податоци на ДИК, во трката за градоначалничко место само 8,31 отсто од кандидатите се жени. 13 од 24 партии и коалиции кои ќе учествуваат на изборите имаат кандидирано само мажи за оваа функција. Ситуацијата не е подобра ниту кај поголемите политички субјекти. ВМРО-ДПМНЕ имаат само 5%, додека СДСМ 7% жени помеѓу кандидатите за градоначалници. Во албанскиот политички блок, од вкупно 59 кандидатури кај ДУИ, Алијанса за Албанците и Алтернатива, ДПА и БЕСА, има само 2 жени.

Најмногу жени во трка за градоначалничката функција ќе има во Кисела Вода, жени ќе трчаат и за Град Скопје, Аеродром, Центар, Тетово, Ресен и Могила. Дополнително во уште десет општини на гласачкото ливче ќе има само по една жена кандидатка за градоначалник.