EPA-EFE/NUNO VEIGA

Новата сезона во Мото ГП шампионатот само што започна со трката во Португалија, а уште првиот викенд видовме неколку луди работи. За време на вториот тренинг, шпанскиот возач Пол Еспаргаро доживеа тешка несреќа, откако со својот мотоцикл падна на една кривина, а откако на грб го прелета поголемиот дел од патеката – удри во заштитната ограда и итно беше префрлен во болница.

  • Падна при голема брзина, се здоби со повреди на целиот рбет, грбот и сакрумот. На невролошки план е добро, никогаш не изгубил свест и не моравме да го интубираме. Сепак, вистината е дека има тешка повреда на белите дробови. Свесен е, се ориентира и одлично реагира. Малку беше под седативи, но ги мрда сите делови од телото и во принцип не сме загрижени за него, изјави докторот на трката, Анхел Шарте, кој ги даде првите информации за состојбата на Еспаргаро.

Но, овој не беше единствениот голем инцидент кој се случи за време на викендот. Имено, за време на првата трка, на која победи Франческо Бањаја од Дукати, седумкратниот шампион Марк Маркез предизвика голем судир. Тој во третиот круг, во обид да претекнува, го удри Мигел Оливеира во задниот дел од мотоциклот и го исфрли од трката. Публиката беше шокирана бидејќи Оливеира некое време неподвижно лежеше на патеката, но подоцна даде значи на живот, па доби овации од публиката (ВИДЕО).

EPA-EFE/NUNO VEIGA

Мигел беше изнесен од патеката со помош на носилки и префрлен во болница, а од тимот се сомневаат дека Шпанецот има можна фрактура на првата метакарпална коска на десната рака.

  • Му се извинувам на Мигел и на сите навивачи во Португалија, ова беше голема грешка. Не ми беше намерата да ја завршам трката на овој начин, ниту да ја завршам трката за друг возач, изјави Маркез по трката.

Инаку, Италијанецот Бањаја, актуелен шампион во Мото ГП, на одличен начин ја стартуваше новата сезона и ги искористи инцидентите на конкурентите. На второто место заврши Маверик Вињалес, додека трет низ целта мина Марко Бецеки.

Мото ГП шампионатот продолжува следниот викенд (2 април) со трката за Големата награда на Аргентина. Големи се шансите тројцата возачи (Еспаргаро, Оливеира, Маркез) да не ги видиме за време на наредната трка поради повреди, додека Марк се соочува со казна.