„Зградата е во очајна состојба“, посочи министерката за култура Ирена Стефоска, која во октомври го посети училиштето во Љубојно. Стефоска најави дека Министерството за култура се вклучува практично во заживување на иницијативата на Владата за формирање на Центар за македонски јазик, токму во ова училиште, изградено пред 113 години

Старото училиште „Димитар Влахов“ во Љубојно, во кое пред 76 години се одржал првиот час на македонски јазик во Преспа, ќе стане Центар за промоција на македонскиот јазик. Во буџетот на Министерството за култура за 2021 година, предвидени се пари за реновирање на училиштето кое е првото училиште на македонски јазик во Преспа, а второ во слободна Македонија.

„Зградата е во очајна состојба“, посочи министерката за култура Ирена Стефоска, која во октомври го посети училиштето во Љубојно. Стефоска најави дека Министерството за култура се вклучува практично во заживување на иницијативата на Владата за формирање на Центар за македонски јазик, токму во ова училиште, изградено пред 113 години.

„Со оглед на фактот дека Љубојно, а со тоа и старото училиште, се прогласени за заштитена споменична целина, се работи на преземање на сите неопходни подготвителни работи за заштита и ревитализација на објектот. Во план е изготвување на проект преку кој ќе се изврши конзервација и реставрација на училиштето, кое во иднина ќе прерасне во нов, модерен повеќе-функционален центар“, посочија од Министерството за култура. Од Владата за оваа намена се обезбедени 30 милиони денари, а во чест на 76 годишнината од основањето на второто училиште на мајчин, македонски јазик во Љубојно на 15 ноември 1944 година, само една година подоцна, откако првото училиште беше основано во Дебарца и Подвис, уште за време на Втората светска војна во 1943 година.

Според историските податоци училиштето во Љубојно е изградено во 1907 година, со доброволна работа на селаните, на два ката, во близината на сретсело. Првата настава започнала во 1908 година, а за први учители биле назначени: Климе, Каролина и Лена, сите Македонци од Охрид, што докажува дека во крајот на 19 век во Охрид брзо напредувала писменоста. Но во текот на Првата светска војна, како и меѓу војните, училиштето во Љубојно имало повеќе намени. Така, по поделбата на Македонија, тоа било користено за болница на француските војски, за потоа во него да продефилира еден голем и различен по состав наставен кадар. Многу од нив ја извршувале својата просветителска должност, а некои биле само маша на буржуарскиот сталеж, го малтретирале македонското население, а децата ги учеле на туѓи јазици, неразбирливи за нив. Само во текот на Втората светска војна, македонските деца во Љубојно „ги учеле“: спрски, италијански, албански и бугарски „учители“. Сите страдања, бруталности и непедагошки односи кон македонското население и невините Македончиња се завршиле на 5 ноември 1944 година, со ослободувањето на Преспа од окупаторите. Престанале асимилаторските односи кон македонскиот народ од овој крај на Преспа, кон народот кој со векови трпел ропство и понижување.

По ослободувањето на 14 ноември 1944 година, за првпат во Љубојно се отворило училиште на мајчин – македонски јазик. Тоа е гордост на плеjадата интелектуалци кои го започнале своето школување на мајчин јазик. Се смета дека посебно внимание заслужуваат напорите на првите македонски учители во Љубојно, а тоа биле: Методија Јовковски, Благоја Ничевски и Јосив Кондовски од Љубојно, Филип Поповски од Долно Дупени и Фанија Чемчева од Воден, Егејска Македонија…

Од Управата за заштита на културно наследство посочуваат дека е завршен елаборат за валоризација на Љубојно, каде има повеќе објекти кои треба да се заштитат.

Инаку, од училишната зграда на „Димитар Влахов“ сега е останат само влезот и надворешните ѕидови. Таванот, вратите и прозорците, пак, се урнале. За значењето на овој објект и негово историско значење, сведочи само спомен плочата која е поставена на ѕидот на училиштето во 2004 година. (Н.И.Т.)