Старите автомобили уште ќе поскапуваат, најбарaни оние од 2.000 до 3.000 евра

Трговците со стари автомобили велат дека тешко ќе ја достигнат продажбата која ја имаа пред две-три години, бидејќи пандемијата силно им го погоди бизнисот. Според нив, половните автомобили уште ќе поскапуваат, а поради падот на куповната моќ на граѓаните најбарани се оние од 2.000 до 3.000 евра. Причини за зголемување на цените се и зголемените увозни давачки, намалената испорака на нови автомобили, како и порастот на цената на половните возила во европските земји

677

Цената на половните автомобили е зголемена, а понудата значително намалена. Пандемијата удри и врз овој бизнис, па трговците со стари автомобили велат дека тешко ќе ја достигнат продажбата која ја имаа пред две-три години. Според нив, половните автомобили уште ќе поскапуваат, а поради падот на куповната моќ на граѓаните најбарани се оние од 2.000 до 3.000 евра. Причини за зголемување на цените се и зголемените увозни давачки, намалената испорака на нови автомобили, како и порастот на цената на половните возила во европските земји, а особено во Германија, од каде се увезуваат најголем дел од половните возила во Македонија.

Трендот на зголемување на цените на половните автомобили започна уште минатата година, кога првично беа поскапени за околу 10 отсто поради коронакризата и падот на побарувачката. Овој тренд продолжи и годинава, а набавката на некои модели беше поскапа за 20 до 30 отсто. Тоа би значело дека автомобил кој чинел 7.000 евра, сега може да се набави по цена и до 9.000 евра.

-Цените на половните автомобили се зголемени, но се очекува уште повеќе да растат. Причина за пораст на цените на домашниот пазар е и растот на цените на половните возила во Европа, каде поради пандемијата нема испорака на нови автомобили, а цените на старите растат. Освен тоа големо влијание има намалената куповна моќ на граѓаните, која влијае врз побарувачката така што се помал дел од граѓаните се одлучуваат да го заменат својот автомобил за понов, вели за ВЕЧЕР, Александар, сопственик на автоплац.

Увозниците на стари возила се жалат дека посетеноста на автоплацовите е многу слаба. Продажбата во 2021 година во однос на 2019 година е намалена за 20 до 30 отсто, додека пак во 2020 регистрирале пад на продажбата и над 50 отсто.
И зголемените увозните давачки многу влијаеја врз цените на половните автомобили и врз падот на продажбата. Овие давачки, според увозниците на половни автомобили за најевтините автомобили од 2.000 до 3.000 евра се зголемени за најмалку 200 евра, а за оние поновите и до 1.000 евра.

Граѓаните забележуваат дека цените на половните возила се зголемени за неколку стотина евра, а растот е позабележителен кај поновите половни автомобили.

-Сакав колата да ја замена за понова па отидов на плацовите да видам каква е понудата. Понудата никаква, а цените многу високи. На автоплацовите речиси и да нема понови половни автомобили, мислам на оние од 2015 година па нагоре. Најдов на два-три плаца, но цените им беа изгор, „oпел астра“ од 2018 година се продава за 12.000 евра, вели Дејан од Скопје.

Трговецот велат дека набавката на половни автомобили од странство оди тешко, бидејќи таму има застој во продажбата на нови автомобили и има помала понуда на стари.

(А.С.)