Стапуваат во сила измените и дополнувањата на Законот за земјоделското земјиште

136

Од денеска стапуваат во сила измените и дополнувањата на Законот за земјоделското земјиште со што почнуваат да течат и роковите за поднесување барања за воведување во владение на договорите за закуп на државно земјоделско земјиште склучени пред денот на влегувањето во сила на овој Закон, а кои не се воведени во владение повеќе од една година од денот на склучувањето на договорот за закуп.

Како што соопшти Министерството за земјоделство, во следните 15 дена, почнувајќи од денеска, сите што треба да го воведат во владение ова земјиште, имаат можност до подрачните единици во регионите кадешто се наоѓа земјиштето, да поднесат барање за воведување во владение.

Од денеска почнува да тече и рокот за поднесување барања за склучување нови договори за закуп на државно земјоделско земјиште, од сите физички и правни лица на кои поради неплатена закупнина им е раскинат договорот за закуп во период од една година пред денот на влегување во сила на овој Закон, а земјоделското земјиште предмет на договорот е се уште во нивно владение.

– Ова е една од измените со која се овозможува и се дава шанса на сите закупци кои во рок од 60 дена ќе достават доказ за платена закупнина со казнена камата за задоцнето плаќање и надмест на штета во висина на годишната закупнина за периодот за кој го имале во владение земјоделското земјиште без правен основ, да склучат нов договор. Новиот договор ќе биде склучен под истите услови за преостанатиот временски период од претходниот договор, појаснуваат од МЗШВ.

Според Министерството, со измените и дополонувањата на Законот за земјоделското земјиште, ќе се овозможи правилна распредлба на државното земјоделско земјиште и ставање во функција на целокупното обработливо земјоделско земјиште.

Со дел од законските измени се овозможува изградба на објекти за промоција на земјоделските производи и објекти за спортско рекреативни активности, а за првпат одгледувачите на пчели добиваат можност да земат државно земјоделско земјиште, со намена поставување пчелни семејства. Младите земјоделци до 40 години се ослободуваат од плаќање закупнина во првите три години од склучување на договорот за закуп. Со измените на Закон за земјоделско земјиште се овозможува и еднаков третман на сите што сакаат да закупат државно земјоделско. Сега и земјоделците кои веќе имаат добиено површини до три хектари ќе имаат право на учество на оглас и проширување на својот земјишен фонд до 10 хектари.