Стано: Дијалогот не е прекинат, преговарачите пристигнуваат во Брисел

26

Главните преговарачи во дијалогот Белград-Приштина деновиве пристигнуваат во Брисел, потврди денес Петер Стано, портпарол на високиот претставник на ЕУ Жозеп Борел.

Тој индиректно потврди дека „како дел од општите дипломатски активности на ЕУ“, американскиот пратеник за Косово, Габриел Ескобар ќе биде вклучен во напорите во Брисел да се најде решение за кризата во северно Косово, „што е корисен ангажман на САД во такви ситуации“.

„Треба двете страни да преземат чекори кои ќе водат до деескалација“, повтори Стано. Стано рече дека тоа што се случува на северот на Косово во моментов не е добро за граѓаните на двете земји, ниту за граѓаните на регионот.

„Единствен начин да се постигне ЕУ иднина води преку дијалогот што го олеснува ЕУ, овој дијалог е тука да им помогне да ги изразат своите грижи и да стават крај на сите спорови на пријателски начин, што се однесува до последните тензии цело време велиме дека наместо унилатерални чекори треба да се искористи ЕУ дијалогот“, рече портпаролот.

Комисијата смета дека дијалогот не е неуспешен и дека е можно да се изнајде решение.