Становите најлесно се продаваат во Аеродром, а нивите во Чешиново-Облешево

Вкупната површина на продадените недвижности од сите видови од јануари до март годинава изнесува 5.941.869 квадратни метри, за кои се платени 145 милиони евра

224

На македонскиот пазар на недвижнини најбројни се продажбите на земјоделско земјиште. Во првиот квартал од годинава од вкупниот број трансакции со недвижнини на земјоделско земјиште отпаѓаат повеќе од една третина, односно 35 проценти.

Овој тип земјиште станува сè поатрактивен за купувачите, па во однос на последните три месеци продажбата е зголемена за два процента.

За разлика од ова, трансакциите со станови од почетокот на годинава опаѓаат и  ставени се во втор план.

-Што се однесува до становите, во четвртиот квартал од 2018 година тие опфаќаат 34 проценти од вкупниот број продажби, додека во овој период има регистрирано намален процент на учество на становите во пазарот на недвижности за два процента, пишува во најновиот извештај за регистарот на цени и недвижнини што го води Агенцијата за катастар на недвижнини.

Според податоците од катастарот, за разлика од становите, куќите многу поретко се купуваат. Во вкупниот пазар на нив отпаѓаат само осум проценти, додека пак со деловниот простор ситуацијата е уште полоша, па тој опфаќа само пет проценти. Во првиот квартал од годинава трансакциите со градежно земјиште на пазарот на недвижности учествуваат со 15 проценти, а само еден процент од трансакциите се со индустриски објекти.

Вкупната површина на продадените недвижности од сите видови од јануари до март годинава изнесува 5.941.869 квадратни метри, кои се продадени за  8.936.905.788 денари, односно околу 145 милиони евра.

– Доколку се разгледаат по тип на недвижност, може да се заклучи дека по површина најмногу е истргувано земјоделско земјиште, додека најголема вкупна цена достигнале становите, констатираат од катастарот.

Па така, предмет на тргување се 104.573 квадрати станови вредни вкупно 75 милиони евра и 164.338 квадрати куќи во вредност од близу 14 милиони евра. Истовремено продадени се пет милиони квадрати земјоделско земјиште, но неговата вкупна вредност е околу 12 милиони евра. Иако квадратурата на истргуваното градежно земјиште е 10 пати помала од таа на земјоделското, вредноста му е поголема за околу три милиони евра.

Најмногу станови, вкупно 268, се продадени во Аеродром, а најмногу куќи – 28 во Велес. Според продажба на земјоделско земјиште на прво место е Чешиново –Облешево со 108 трансакции, а кај продажбата на градежно земјиште прв е Прилеп со 48 истргувани парцели.

(С.В.)