Неверојатно со каква леснотијата Шпанецот Марк Маркез (26) ја гази конкуренцијата веќе седум сезони во Мото ГП шампионатот. Тој е доминантен во мото шампионатот веќе една деценија, во последните седум години освои дури шест шампионски титули во „кралската“ класа, а му избега од раце само онаа во 2015 година.

Фантастичниот Шпанец е на најдобар пат да стане неприкосновен рекордер во многу категории, и тоа за само неколку години. А конкуренцијата што треба да ја достигне е стравична. Маркез сега има 82 победи во елитниот шампионат, а пред него се пензионираниот Анхел Нието (90 победи), сè уште активниот Валентино Роси (115) и засега недопирливиот Џaкомо Агостини, кој од 1964 до 1977 година запиша дури 122 победи во сите категории во кои возеше.

Пресметката е јасна ако се знае дека има 19 трки во сезоната, а Маркез сега е во своите најдобри години. Тој има само 26 години, освои се што можеше да се освои, па сега може да се посвети на својата последна цел – да биде најдобар на сите времиња. И, доколку не му оди според тоа што го правеше досега (десетина победи по сезона), реално е дека во наредните четири, најмногу пет години, тој ќе го симне од врвот легендарниот Агостини.

Мотоциклите на Маркез му се „во крвта“. Тој уште во детството растел со нив, а најголеми „виновници“ за тоа биле неколку члена од семејството. Неговиот татко Росер, како и неговиот чичко, биле активни членови на локалниот мотоциклистички клуб „Серж“ кој се наоѓа во родното место Кавера (Шпанија), а неговата мајка Џулија исто така учествувала во работата на клубот.

На возраст од пет години, Марк го имал веќе и првиот мотоцикл, а една година подоцна започнал да вози на локални трки! Сè друго е – историја. Победите почнале да се нижат исто како и титулите, а неговиот талент наскоро го препознаа големите светски тимови. Малиот Марк во тоа време беше вистинска ѕвезда во Шпанија, а на 10-годишна возраст бил толку доминантен што го прогласија за „чудо од дете“.

На 14-годишна возраст го потпишал првиот договор за тимот на КТМ Репсол, а по една година возење во категоријата до 125 кубика го добил и прекарот „Мравката од Кавера“ поради брзината која ја имал на патеката иако бил далеку помал од останатите натпреварувачи.  На само 15 години го имаше и своето деби на Светскиот мотоциклистички шампионат (до 125 кубика), на трката за Големата награда на Португалија, а во истата сезона се искачи и на подиумот (В. Британија). Во три сезони (од 2008 до 2010 година) оствари десет победи, 14 пати се искачи на подиумот, а во 2010 година ја освои својата прва светска титула. Потоа, логично, ја продолжи кариерата во категоријата до 250 кубика. Од 2011 до 2012 година, за само две сезони, „Мравката“ ги оправда сите очекувања. Но, по добро нема да ја памети 2011 година, затоа што имаше сериозен пад и повреда на главата, па мораше да замине на операција на окото поради што предвреме ја заврши  деби-сезоната. Во конкуренција до 250 кубика за две сезони оствари 16 победи на 32 трки, а во 2012 година ја освои својата втора светска титула.

Истата сезона тој потпиша договор со Репсол Хонда и воедно најави чекор кон „големите момчиња“. Во еден од најмоќните тимови, тој пристигна како замена за легендарниот Кејси Стонер.

За тоа колку е добар, сведочи и неговата прва трка во „кралската“ класа, каде го освои третото место, зад Хорхе Лоренцо и неговиот идол Валентино Роси. Веќе во следната трка, за Големата награда на САД во Тексас, ја запиша и првата победа со која стана најмладиот возач кој триумфирал на Мото ГП трка. Тој тогаш имаше само 20 години и 63 дена.

-Ми се допаѓа начинот на возење на Маркез. Тој е многу млад, но веќе покажа голем потенцијал и потврди дека ги има сите квалитети на иден шампион. Тој е многу брз и веќе победи на многу тешки трки кога го немаше најдобриот мотоцикл, а тоа искуство е многу важно, изјави Валентино Роси во летото во 2012 година.

Со шест победи и исто толку втори места, како и четири трети места, тој во дебитантската сезона ја освои шампионската титула во кралската класа. Тој собра вкупно 334 бода доволни за историја – најмлад светски шампион во историјата (20 години и 266 дена)

Останатото е историја. Фантастична „мравка“ продолжи да доминира до ден денес, со исклучок на 2015 година. Во изминатите седум сезони на Мото ГП шампионатот тој има освоено шест шампионски титули и собори еден куп рекорди кои ќе останат недопирливи долго време.

Денеска, и големите имиња како Валентино Роси, Хорхе Лоренцо делуваат како почетници за него.

Неговиот препознатлив агресивен и уникатен стил на возење му донесе неколку наслови, а воедно ја уништи конкуренцијата.

Денес, на сите им е кристално јасно она што го виде Валентино Роси пред седум години: Марк Маркез ги потврди сите свои квалитети, станувајќи подобар патеката од сезона во сезона, а титулите на Мото ГП се искачија на шест – 2013, 2014, 2016, 2017, 2018, 2019 година! Во 2015 година само Хорхе Лоренцо успеа да го симне од тронот…

Неговото богатство моментно се проценува на повеќе од 50 милиони евра. Неговиот договор со Хонда изнесува само 35 милиони евра, а остатокот е од реклами и продажба на низа производи кои се патентирани со негово име!

По неговите стапки тргна и неговиот помлад брат Алекс (23), кој наредната сезона ќе вози за тимот на Репсол Хонда и ќе бидат клупски конкуренти!

Инаку, Марк Маркез е голем обожавател и семеен пријател на еден од најдобрите светски тенисери, Рафаел Надал. Исто така добар другар му е Андрес Иниеста, а често може да се види и на фудбалските натпревари на Барселона, каде ужива заедно со легендата на Формула 1, Фернандо Алонсо.