Турскиот кошаркарски великан, екипата на Анадолу Ефес, ја освои првата шампионска титула во Евролигата, откако во финалето на Ф4-турнирот во Келн ја совлада Барселона со 86:81. Уште една фантастична партија одигра српскиот кошаркар Василије Мициќ. Тој ја презеде одговорноста во клучните моменти и на крајот го предводеше својот тим до победата со 25 поени.

Како што се очекуваше, Мициќ беше прогласен за најкорисен играч во финалето (МВП), па ја зеде втората индивидуална награда откако беше прогласен и за МВП на целата сезона.

По освојувањето на титулата, кошаркарите славеа, а најрасположен беше токму Мициќ кој го отпеа познатиот хит „Ночас ми срце пати, ночас ме душа боли“, заедно со актерот Дарко Периќ, човек кој се стекна со светска слава, играјќи го ликот на Хелсинки во крими-серијата „Ла Каса де Папел“.

По оваа сезона, Мициќ го напушта Ефес и ја продолжува својата кариера во НБА лигата, а ќе видиме каков ангажман ќе му најде славниот менаџер Мишко Ражнатовиќ. Оваа сезона, српскиот кошаркар во просек постигнуваше по 17 поени по натпревар со пет асистенции по натпревар.

Како што се и очекуваше, на спротивната страна, предводникот на Барселона, Шарунас Јасикевичиус, беше незадоволен од судењето.

  • Не сакам да навлегувам во неволји премногу, но не немам таква среќа поради некои работи. Евролигата ќе нè слушне, тоа е сигурно. Нема ова да го оставиме тукутака, истакна Литванецот по натпреварот.

Јасикевичиус веќе имаше работа со дисциплинската комисија оваа сезона.

  • Веќе ме казнија оваа сезона бидејќи побарав повеќе да се почитува Кори Хигинс. Очигледно повеќе почитуваат некои други, на спротивната страна. Ако повторно ме казнат, баш ми е гајле, како што веќе истакнав, ќе не слушнат, додаде Шарунас.

Бронзениот медал во Келн го освои Армани Милано, кој славеше над ЦСКА од Москва со 83:73.