Стави – вади на „Прохор Пчински”- духовите на АСНОМ не мируваат

Оддавање почит на вториот македонски Илинден или дипломатски скандал е годинашното чествување на 2 Август во манастирот „Свети Прохор Пчински“ по обелоденувањето на информацијата дека само неколку дена по свеченоста, плочата е тргната. Уште поскандалозно е сознанието дека така било договорено, таа да се стави, а потоа да се извади! Потегот предизвика лавина реакции во јавноста, која го протолкува како дипломатски скандал. Историчарот проф. д-р Новица Велјановски, кој со години ги обработуваше документите од АСНОМ, во изјава за весникот ВЕЧЕР коментира дека ваквиот гест е грубо подигрување со македонската државност

214

Оддавање почит на вториот македонски Илинден или дипломатски скандал е годинашното чествување на 2 Август во манастирот „Свети Прохор Пчински“ по обелоденувањето на информацијата дека само неколку дена по свеченоста, плочата е тргната. Уште поскандалозно е сознанието дека така било договорено, таа да се стави, а потоа да се извади!

– Им оддадовме почит на учесниците на АСНОМ и се поклонивме пред моштите на свети Прохор Пчински. Благодарност до Република Србија за можноста македонската државно-црковна делегација да го посети манастирот и да го одбележи вториот македонски Илинден во автентичниот историски амбиент, каде што се поставени темелите на македонската држава – рече на 2 Август претседателот Стево Пендаровски.

Спомен-плочата на АСНОМ била поставена непосредно пред чествувањето на празникот. На истото место би се вратила само по потреба. Од Кабинетот на претседателот појаснуваат дека плочата била поставена со цел да се реализира посетата на претседателот и на државната делегација, за прв пат по повеќе години.

Потегот предизвика лавина реакции во јавноста,  која го протолкува како дипломатски скандал.

Историчарот проф. д-р Новица Велјаноски, кој со години ги обработуваше документите од  АСНОМ, во изјава за весникот ВЕЧЕР коментира дека ваквиот гест е грубо подигрување со македонската државност.

– Ако плочата е поставена и тргната со знаење на македонскиот претседател, тогаш тоа е грубо подигрување со македонската државност, а ако претседателот не знаел, тогаш не е во ред од српската страна. Кога се дискутира за прашањето на АСНОМ, требаше да ни биде сè јасно кога во Уставот остана само Прогласот, а паднаа одлуките на АСНОМ и со тоа беа јасни намерите на соседите, и затоа денес постапуваат вака со подигрување кон Македонија – додава професорот Велјаноски.

– Зошто не кажавте дека е само за денот и колку за сликање? – прашува преку социјалните мрежи универзитетската професорка Елка Јачева- Улчар.

-Ете, така, се градеа и Потемкиновите села! За сликање и пи-ар! И уште ни срам ни перде: од времен карактер била?!! ((Настрана, тоа што ова „времен карактер” не значи ни ПРИвремено (вака звучи правилно синтагмата „времен карактер”), туку, во овој случај, ЕДНОКРАТНО!))

Ами зошто не кажавте дека е само за денот – колку за сликање? И друго да прашам: и обновувањето на Спомен-собата беше само колку  за давање изјава за 2 Август или?.. Срамота!

П.С. Го знам точниот извор на информацијата дека таблата ја нема – случаен минувач кажа!  Дали ова значи дека по секое ваше пиарчење, случајни минувачи треба да откриваат дека „царот е гол”? – пишува Улчар.

Од Кабинетот на претседателот информираат дека плочата била поставена со цел да се реализира посетата на државната делегација. И игуменот на манастирот „Свети Прохор Пчински“, архимандритот Методије, за медиумите потврди дека договорот на двете делегации, македонската и српската, бил плочата да се тргне по прославата на Илинден, и повторно, по договор, да се става кога ќе треба.

Поранешниот пратеник од ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски, во изјава за весникот ВЕЧЕР вели дека е зачуден од несериозноста, површноста и од променливоста на ставовите и изјавите на претседателот Стево Пендаровски.

– Тој не покажа издржливост во своите ставови, не само низ еден мандат туку неговите ставови и изјави се менуваат на секои две недели. Граѓаните очекуваа дека ќе имаат претседател кој ќе има цврсти, конзистентни и принципиелни политики. Спротивно, добија претседател кој иако има желба да наметне некаков државнички однос, на крајот од секој процес е само еден од поддржувачите на политиките на Владата. Очигледно е дека не креира политики, ги следи оние од „Илинденска“ и на „Бихачка“.

Навистина е лошо за Република Македонија што има претседател без претседателска позиција и однос, но лошо е и за Пендаровски, кој е првиот претседател чиј мандат не го спорел никој, а тој не знаеше да го почитува и искористи тоа за доброто на државата.

Да дадете изјава за Гоце Делчев дека е Бугарин, дека би сакал да се исели од државата и дека во Македонија не е возможно национално помирување, згора на тоа да влезете во ваков непотребен дипломатски скандал, говори за фактот дека Пендаровски не ја извршува својата функција ниту малку од она што е потребно за претседател на Република Македонија – вели Димовски.

За комуникологот Бојан Кордалов, за поздравување е тоа што по повеќе години, годинава Илинден се чествувал во манастирот „Свети Прохор Пчински“.

– Во фокусот годинава треба да се стави фактот што, конечно, по подолго време, на највисоко ниво ги чествуваме Илинден и АСНОМ на местото на нивното одржување, односно во манастирот „Свети Прохор Пчински“. Совет до Владата и до црковните лидери на оваа тема уште отсега да разговараат со српската Влада и со СПЦ со цел изнаоѓање достоинствено катче каде што ќе се стави вакво трајно обележје. Со таквото решение, сите ќе имаат бенефит, во случајов и духовен и економски, доколку се најде простор за да се означува и одбележува дека токму на тоа свето место, во манастирот „Свети Прохор Пчински“ било одржано Првото заседание на АСНОМ. Тоа е историски факт и што е поважно, позитивен факт на слободарската страна на историјата, која го ослободила светот од најголемото зло – фашизмот – вели Кордалов во изјава за весникот ВЕЧЕР.

Спомен-плочата за одржувањето на Првото заседание на АСНОМ на 2 август 1944 година беше поставена на празникот Илинден, во параклисот на манастирот „Свети Прохор Пчински“, каде што, по долгогодишна пауза, чествуваше македонска државнo-црковна делегација, предводена од претседателот Стево Пендаровски. Од српска страна присуствуваше министерот за надворешни работи на Србија, Никола Селаковиќ.

На спомен-плочата двојазично, на македонски и на српски јазик, пишува: „На 2 август 1944 година, на ова место е одржано Првото заседание на Антифашистичкото собрание на Народното ослободување на Македонија, каде народните избраници донесоа историски одлуки со кои се воспостави државност и самобитност на македонскиот народ изразувајќи ја својата определба да живеат заедно со народите на Југославија”.     (Ј.Ц.Г.)