ССМ: Фирмите кои на работниците не им даваат К-15, ќе се објават на црна листа

Компании здружени во комори си доделуваат награди за општествена одговорност, а немаат синдикати, можеби и не исплатуваат К-15, вели Дарко Димовски, претседател на ССМ

279

Компаниите кои не им исплатуваат К-15 на своите работници ќе се најдат на црна листа, слична на онаа што ја објавува Управата за јавни приходи за неплаќачите на даноци.  Сојузот на синдикатите на Македонија најавува дека таква листа ќе почне да прави од февруари следната година, кога дефинитивно ќе се знае кои фирми не го исплатиле регресот за годишен одмор во законскиот рок, до 31 овој месец.

-Исплатата на К-15 е законска обврска која мора да се почитува. Оние кои нема да го исплатат до крајот на годинава, кога истекува законскиот рок, имаме замисла да ги објавиме на црна листа, па да се знае. Компании здружени во комори си доделуваат награди за општествена одговорност, а немаат синдикати, можеби и не исплатуваат К-15, вели Дарко Димовски, претседател на ССМ.

Тој информира дека со оглед на тоа што има уште еден месец до истекот на рокот за исплата на К-15 не можат да имаат податоци за тоа кој го поделил, а кој не, но потенцира дека малку е чудно што досега ниту еден работник не се обратил до синдикатите за да пријави дека добил регрес, а потоа морал да му го врати на работодавецот.

-Не е можно да немало такви ситуации, но работниците никако да се охрабрат и да  пријават. За неплаќање на регресот и за барање парите да се вратат, се предвидени кривични пријави, а и затворски казни од три месеци до една година, појаснува Димовски.

Инаку, како што додава, правната служба на ССМ, која има седум правници, им стои на располагање на работниците и бесплатно ги застапува во споровите со работодавците, кои обично ги добива. Притоа се води грижа и за работникот, но и за работодавецот од кој се бара да му го исплати на работникот тоа што му следува, но не и да плаќа судски и други трошоци.

На К-15 имаат право сите работници во приватните фирми од стопанството, кои кај еден работодавец во текот на оваа календарска година работеле најмалку шест месеци. Вработените кои го исполниле овој услов регресот, кој сега изнесува минимум 10.000 денари, треба да го добијат и под услов подоцна да се вработиле во друга фирма.

Минималниот износ на К-15 изнесува 40 проценти од просекот на трите последни просечни нето-плати во државата објавени од Државниот завод за статистика, а максимумот се одредува на истиот начин, но од бруто-платата. Сепак, со Општиот колективен договор на работодавците со финансиски проблеми им е дозволено да исплатат и помалку, но со потпис на синдикалецот или претставникот на работниците.

(С.В.)