ССМ протестира пред МИОА, на министерот му понуди жешко работничко столче

44

Штрајкот на вработените во јавниот сектор влезе во втората недела. Само 10 процети од јавните административци работат и ги извршуваат итните и неодложните работи.

Продолжуваат и протестите на Сојузот на синдикатите на Македонија. Денеска  синдикалците се собраа пред Министерството за информатичко општество и админситрација, каде што поставија столче за министерот.

-Ова Министерство е дел од тимот кој преговараше за линеарно зголемување на платите и за К-15. Затоа го повикуваме министерот доколку навистина се спрема нова методологија за платите, реформи во администрацијата, нов закон за плати за административните работници, нека повели, ние сме пред неговото министерство. Нека ни ги покаже, нека не се купува време. Доколку не, жешкото столче работничко го чека, денеска е министер, утре ќе стане обичен работник како нас, рече претседателот на ССМ, Дарко Димовски.

Тој најави дека ССМ од утре ќе почне да делува на централно ниво, зашто штрајкот во општините вродува со плод. Како што рече, некои директори на претпријатија основани од општините си поднесуваат оставки зашто не можат да го издржат притисокот за зголемување на платите, а секојдневно се потпишуваат и спогодби за повисоки плати а за 2.806 денари од 1 јули. За утре е најавено потпишување такви спогодби и колективни договори со локалните власти и комуналните претпријатија во Тетово и Струмица, со што на вработените од наредниот месец им се зголемува платата на 1.300 вработени.

За в петок, кога собраниската Комисија за труд и социјална политика се очекува да одлучува за амандманот на ребалансот на буџетот со кој се птредвидуваат пари за зголемени плати на административците, ССМ најавува голем собир пред Собранието. (С.В.)