ССМ и Гласен текстилец бараат додека штипските конфекции се затворени работничките да користат одмор и да земаат цела плата

Во согласност со Законот за работните односи член 112, став 1, „работникот има право на надоместок на платата за целото време на отсуство во случаите и во траење определени со закон, како и во случаите кога не работи од причини на страната на работодавачот“, а во согласност со точка 9 од истиот член „работодавачот е должен да му исплати на работникот надоместок на плата за денови и часови, колку што изнесува работната обврска на работникот на денот кога поради оправдани причини не работи“, наведува ССМ

301

Ширењето на заразата од ковид-19 меѓу текстилните работнички во Штип затвори една конфекција во градот. По зголемување на бројот на заразени во еден ден, градоначалникот на Штип, Благој Бочварски, од Владиниот кризен штаб побара одлука за затворање на уште пет фабрики. Тој  информира дека во нив се вработени речиси 500 лица, кои користеле исти автобуси за превоз од дома до работа и обратно, заедно со веќе заразените од првата фабрика, која е затворена.

Во одбрана на здравјето и работничките права на вработените во текстилните  фабрики, на кои им се заканува затворање, застанаа Сојузот на синдикатите на Македонија, кој побара додека конфекциите се под клуч, платата да продолжи да се исплатува и невладината организација Гласен текстилец, која бара штипските текстилки да се пратат на платен одмор.

ССМ од работодавачите побара да ги преземат сите мерки за заштита на здравјето на работниците, како на работните места така и при нивниот превоз, а од инспекциските служби поажурно и навремено да ги преземаат сите законски мерки за спречување на ваквите појави.

– Потсетуваме дека правото на соодветна заработувачка определено во одредбата од член 32, став 3, од Уставот на Република Северна Македонија е економско право на работниците и никој не може истото да им го скрати спротивно на Закон и Колективен договор. Во согласност со Законот за работните односи член 112, став 1, „Работникот има право на надоместок на платата за целото време на отсуство во случаите и во траење определени со закон, како и во случаите кога не работи од причини на страната на работодавачот“, а во согласност со точка 9 од истиот член „Работодавачот е должен да му исплати на работникот надоместок на плата за денови и часови, колку што изнесува работната обврска на работникот на денот кога поради оправдани причини не работи“, наведува ССМ и ги охрабрува работниците синдикално да се организираат и да пријавуваат секакво кршење на работничките права,

Невладината Гласен текстилец, која подолг период бара затворање на конфекциите, смета дека периодот кога работничките ќе бидат дома поради ситуацијата со ковид-19 треба да се регулира со годишен одмор.

-Време е за затворање на конфекциите, тоа да се регулира со годишен одмор, бидејќи сите знаеме дека 80 проценти од вработените во штипските конфекции никогаш го немаат искористено годишниот одмор од 20 дена туку им беше даван одмор од пет дена. Сега е време да ги пуштат работниците на одмор во интерес на колективното здравје, вели Кристина Ампева од оваа невладина организација.

Таа информира дека работнички се јавуваат кај нив и исплашени за своето здравје плачат на телефон, бидејќи не ги ослободувале од работа.

– Очекувам конфекциите да бидат затворени бидејќи не почитуваа ниту една од мерките, ниту една од уредбите, ниту една од препораките. Секоја чест на ретките исклучоци коишто се оградија од другите, а за оние кои не ги почитуваа барам и кривична одговорност бидејќи не се грижеа ниту за здравјето на работниците, ниту пак беа свесни за колективното здравје на еден град како што е Штип. Ми е жал за останатите сопственици коишто организираа сопствен превоз што ќе бидат и тие на удар поради несовесните превозници и несовесните сопственици на конфекции, вели Антева.

Таа додаде дека на почетокот на пандемијата конфекциите и превозниците ги  почитувале мерките а заштита, но подоцна се откажале од нивна примена, што резултира со голем број заразени во текстилните фабрики.

(С.В.)