Срцка со срце на паркетот: Навивам за оние од кои ќе го ставам лебот на маса

298

Него го гледате почесто на паркетот од многу спортисти, но не како кошаркар или ракометар, туку како некој што е задолжен за тие да не се лизнат и повредат на истиот. Тој има подолг век на паркетот од многумина спортисти и е позната ѕвезда на многу генерации. Сигурно погодувате, станува збор за Светислав Димовски – Срцка, кој при секој прекин на натпреварот влегува да го избрише лизгавиот паркет. Тој е сведок на многу убави и неубави моменти не само на спортските натпревари, туку и на многу концерти на познати ѕвезди од поранешните југословенски простори. Некои од тие ѕвезди веќе биле и гости во неговиот дом, нешто за што сонуваат многу фанови, а исто така добитник е и на две награди од ФИБА. За сите негови случувања во спортските арени искрено зборуваше во интервју за весникот ВЕЧЕР, а иако бил сведок на многу дерби натпревари даде само дипломатски одговор за кого навива, но и тоа дека никогаш не ја има згрешено маичката кога се во прашање домашните тимови каде треба да си ја изврши работата, а за тоа е задолжена, како што самиот, вели неговата менаџерка – сопругата.

Како го добивте прекарот Срцка?

Уште во времето на Југославија, каде што работев постојано по мене велеа: „Ајде срцка уште малку, ајде срцка“ (милозвучно) и така тоа ми остана. Од тогаш ме научија како Срцка и почнаа сите да ме викаат така.

Сте биле дел од многу настани, но дали спортските арени Ви се најпосакуваното место за работа?

Искрено да ви кажам, порано во спортските сали ме плукаа, не знаејќи дека тоа го правам од маката на која ме натера во животот. Имам мала пензија, па поради тоа одам на речиси секој кошаркарски меч, сè со цел да заработам за парче леб. Но, многумина тоа го гледаа со потценување, си велеа: „Види го овој доаѓа да чисти и покрај тоа што зема пензија“. Исто така сите што ме плукаа велеа дека сум навивач на МЗТ Скопје или Работнички, но искрено јас само си ја работам работата и не навивам за никого, туку само за „нашите“. Под нашите се подразбира секој македонски тим кој игра против друг од странство.

Дали некогаш сте погрешиле, односно сте отишле на натпревар на МЗТ Скопје со маичка од Работнички и обратно?

За тоа е задолжена мојата менаџерка (алудирајќи на сопругата). Таа еден ден пред секој натпревар ми ја подготвува опремата, така што одговорноста е нејзина (се смее). Да не е таа, јас сигурно би погрешил. Би сакал да имам маица на која од едната страна ќе пишува Работнички, а од другата МЗТ Скопје – тогаш сигурно не би погрешил.

Во времето на Југославија сите навиваа за Работнички, но потоа народот се почесто почна да навива за МЗТ Скопје. Јас навивам за оние од кои ќе го ставам лебот на маса. Дали ќе победи Работнички или МЗТ, Вардар или Металург, не ми е важно. Но, затоа секогаш навивам за нашите тимови кога играат против некои од странство

Кој тим ви е поомилен – Работнички или МЗТ Скопје?

Во времето на Југославија речиси сите навиваа за Работнички, но потоа народот сè почесто почна да навива за МЗТ Скопје. Јас навивам за оние од кои ќе го ставам лебот на маса. Дали ќе победи Работнички или МЗТ, Вардар или Металург, не ми е важно. Но, затоа секогаш навивам за нашите тимови кога играат против некои од странство. Јас сум таму за да заработам некој денар. Сега, кога ќе победи некој тим никој не вика: „Срцка, ајде дојди да те почестиме“, за разлика од порано. Рака на срце, и да ме викнат не одам поради тоа што сум срамежлив, не сакам да ме исмејуваат.

Кој натпревар ќе ви остане засекогаш во вашето сеќавање?

Сум бил на многу натпревари, така што не можам да издвојам некој меч. Можеби првиот меч кога почнав со оваа работа, во 1971 година. Ми дадоа задача да го бришам паркетот доколку има потреба од тоа. Претходно ми кажаа дека тоа ќе го правам само ако судијата ме повика. Јас едноставно се тресев, не знаејќи кога треба да излезам на теренот. Но, како одминуваат натпреварите, така се навикнав на работата и се опуштив. Исто така во моите сеќавања ќе остане и една ситуација поврзана со нашиот ангел Тоше Проески. Тој требаше да има концерт, а еден од неговите менаџери ме ангажираше да бидам таму доколку нешто е потребно. Цел ден врнеше. Еден од организаторите му кажа на Тоше да го откажат концертот, поради силното невреме, а тој им одговори: „Не сме од шеќер да се стопиме – одиме до крај“.

Сте биле дел од многу спортски натпревари и концерти, дали со некоја ѕвезда сте размениле неколку збора или нешто слично?

Секако дека оваа работа ми овозможи да ги гледам спортистите и пејачите одблизу. Имам многу убави спомени од многу настани. Се сеќавам како вчера да беше, еден голем настан се одржуваше во Скопје, присуствуваше мегаѕвездата Здравко Чолиќ и јас имав можност да се запознаам со него преку Велибор Џаровски – Џаро. Му кажав на Џаро дали може Здравко да ми биде почесен гостин во мојот дом заедно со Кемал Монтено и тој ми го овозможи тоа. Тој двајцата ги донесе во нашиот дом без ние да знаеме, едноставно не бевме подготвени за нивната посета. Но се помина во најдобар ред, а најинтересно е тоа што од возбуда ние се тресевме, а Чола не служеше во нашиот дом.

Од останатите ѕвезди, и нашата легенда Тоше Проевски бил во мојот дом. Со Тоше се знаевме многу одамна. Имаше девојка во Карпош 4, а јас живеам таму. Еднаш случајно се сретнавме пред зграда и си ја пробав среќата, го поканив да дојде. Исто така и поранешниот кошаркар на МЗТ Скопје, Џордон Крафорд зедно со неговата девојка ми беше на гости. Можам да кажам дека тој, според мене, беше еден од најдобрите кошаркари на МЗТ Скопје и навистина беше пријатен и добро си поминавме кога ми дојде на гости. Од останатите кошаркари, речиси никој не ми бил гостин.

Според вас кој ќе ја освои титулата во домашното кошаркарско првенство?

Да ви кажам искрено, а да не ми замерат клубовите, мислам дека МЗТ Скопје има поголеми шанси за освојување на шампионската титулата. Сметам дека тимот има повеќе финансии, а парите играат важна улога во секој клуб. Ако имате повеќе пари, можете да купите подобри играчи, да овозможите подобри подготовки за истите и тие ќе ви вратат со титула.

До кога планирате да бидете активен на спортските терени и кога ќе кажете крај на работните обврски?

Само господ знае. Сè додека сум здрав, би ја работел работата што ја работам во моментов. Додека од одозгора ми даваат сила и здравје ќе бидам активен. Сиромаштијата ме принудува да работам за денар повеќе, а за тоа ми е потребно здравје. До кога ќе ме служи, само бог знае.

Фото: П. Стојановски