Светот се уште е во шок поради немилиот настан кој се случи на мечот меѓу Данска и Финска на Европското првенство, кога Кристијан Ериксен колабрираше среде натпревар, а потоа лекарскиот тим едвај успеа да го врати во живот.

Од тогаш Ериксен е во болницата во Копенхаген. За среќа, неговиот живот беше спасен по брзата интервенција на медицинската служба, но и на неговите соиграчи предводени од Симон Кјаер. Играчот за врска на Интер сега се чувствува добро, но има малку шанси тој повторно да игра фудбал, иако сега никој не размислува за тоа.

Овој пат, докторот на данската фудбалска репрезентација, Мортен Боесен, откри дека врз Кристијан Ериксен ќе биде извршена операција во која ќе му биде вграден ИЦД. Тоа е вграден дефибрилатор на кардиоцентер, кој се всадува под кожата на пациентот и се напојува со специјална батерија и значително го зголемува преживувањето во случај на срцев удар или ненадејна срцева смрт.

ИЦД не може да спречи појава на аритмија, но може успешно да ја открие и третира, со што се враќа нормалниот ритам на срцето и се спасува животот.

  • Кристијан беше подложен на многубројни тестови по што беше одлучено дека ќе му биде вграден ИЦД. Овој уред е потребен по срцев удар. Кристијан го прифати ова решение, а планот беше потврден од национални и меѓународни експерти, истакна Мортен Боесен.

Германскиот лекар Јенс Клајнфелд, кој го спаси Ериксен, зборуваше за трогателниот момент кога играчот за врска повторно ги отворил очите.

  • Околу 30 секунди подоцна Ериксен ги отвори очите и јас можев директно да разговарам со него. Тоа беше трогателен момент. Во такви итни медицински интервенции во секојдневниот живот, шансата за успех е далеку помала. Кога Ериксен ги отвори очите, рече: „Проклетство, имам само 29 години“. Веднаш знаев дека срцето на Ериксен не е оштетено, раскажува германскиот доктор.