Српската премиерка во ОН: Приштина разгоре голема криза

53

Српската премиерка Ана Брнабиќ во говорот на Генералното собрание на ОН во Њујорк рече дека Приштина разгоре голема криза со ирационална демонстрација на сила, но оти Белград останува посветен на изнаоѓање решение базирано на компромис.

Брнабиќ рече дека од сите предизвици со кои се соочува Србија, најважното прашање е одржувањето на мирот и стабилноста на Косово и ја повика меѓународната заедница да инсистира Приштина да ги почитува постигнатите договори.

Српската премиерка рече дека повеќе од две децении, Србија постојано го привлекува вниманието на светската јавност кон проблемите со кои се соочува неалбанското население во Косово.

Таа посочи дека бројот на напади врз Србите, нивниот имот и верското наследство на Косово постојано се зголемува и наведе неколку примери.

– Оваа спирала на насилство во Косово и Метохија кулминираше на почетокот на неделата. Под изговор за примена на нови правила за регистарски таблички, Приштина испрати тешко вооружени специјални единици на северот од покраината. Ова е уште едно брутално кршење на бриселскиот договор. Оваа ирационална демонстрација на сила разгоре голема криза, рече Брнабиќ.

Таа нагласи дека и покрај сите предизвици и секојдневни провокации, Србија останува силно посветена на изнаоѓање решение базирано на компромис, кое ќе обезбеди траен мир и стабилност.

– Дијалогот и спроведувањето на постигнатите договори се единствениот правилен начин за решавање на сите отворени прашања, рече Ана Брнабиќ.

Таа посочи дека речиси девет години од постигнувањето на Бриселскиот договор, формирањето на Заедница на српски општини с уште не е постигнато.

– Уште еднаш ја повикувам меѓународната заедница и ЕУ да инсистираат привремените институции во Приштина да почнат со спроведување на договорите, рече Брнабиќ.

Таа додаде дека активноста на ОН на Косово е важна и изрази надеж дека ОН ќе продолжат да го спроведуваат својот мандат согласно Резолуцијата 1244.