Српската полиција му го заплени „ламборгинито“ на кумашинчето на Вучиќ по неговото „безобразно“ видео/ВИДЕО

247

Припадници на српската полиција го заплениле автомобил „ламборгини“, по видеото на кое Урош Паниќ, син на Петар Паниќ, кум на српскиот претседател Александар Вучиќ, ја предизвикува полицијата да го запре со арогантно и диво возење низ белградските улици.

„Нема место за арогантни, несовесни и насилни возачи на улиците. Министерството за внатрешни работи законски, решително и доследно во борбата против секаков вид загрозување на безбедноста на граѓаните“, се наведува на официјалниот Инстаграм профил на МУП Србија.

Имено, Паниќ пред неколку дена објави видео на кое се слуша како се заканува и навредува припадници на МУП:

„Нека дојдат со партнерите да ме бркаат, еве го на „Цар Душан“, Дорчол, нека дојдат да им покажам што е белградски фантом“, се слуша како вели Паниќ.

Урош Паниќ е син на Петар Паниќ Пана, кумот на српскиот претседател Александар Вучиќ. Урош е познат по дивеењето низ белградските улици, несовесното возење и кршењето на сообраќајните прописи.