На денешен ден 1946 година во Битола е роден Славе Димитров, познат македонски композитор, пејач, аранжер и музички продуцент.
Кариерата како музички автор, аранжер и изведувач ја започнал во Битола.
Во 1971 година на Фестивалот на забавна музика „Скопје“ за првпат е изведена неговата легендарна песна „Чија си“, која доживеа повеќе верзии и безброј изведби кај нас и во странство.
Димитров успешно учествувал на речиси сите забавно-музички фестивали во СФРЈ.
Многу негови песни станаа хитови („Нежност“, „Има една мома“, „Тивко тивко“, „Дали да ти пријдам“, „Момчето со мандолина“ „Есенска роза“, „Ѕма ѕма ѕм“, „Ти само збориш“…)
Големо место во неговиот опус зафаќа музиката што ја компонира за ТВ серии, драми, филмови, театарски претстави („Исправи се, Делфина“, „Големата соба“, „Томе од бензинската пумпа“, „Опстанок“, серијата за деца „Загубено па најдено“…).
Меѓу првите во Македонија го воведува компјутерот како помагало во процесот на создавање музика, на што со голем успех се надоврзале неговите синови Оливер и Дарко Димитрови, во својство на композитори, аранжери и продуценти.