Средновековен трезор чува монети на владетели во распон од илјада години

410

Опфаќајќи го периодот од владеењето на Анастасиј Први (491-518 год.), односно од неговата монетарна реформа во 498 година до падот на монетарниот систем на независните господари во доцниот 14 век, монетите од богатата нумизматичка збирка на Археолошкиот музеј ја раскажуваат бурната средновековна историја на оваа македонска почва

Средновековната нумизматичка збирка на НУ Археолошки музеј во Скопје, која е втора по големина во земјата, веднаш зад охридската збирка, е трезор во кој се чуваат монети на императори и владетели во временски распон од илјада години.

Опфаќајќи го периодот од владеењето на Анастасиј Први (491-518 год.), односно од неговата монетарна реформа во 498 година до падот на монетарниот систем на независните господари во доцниот 14 век, монетите ја раскажуваат бурната  средновековна историја на македонската почва.

„Монетарната реформа спроведена кај бакарните монети во 498 година е општо прифатена како почеток на рановизантиската монетарна историја, со која се реформирал веќе истрошениот монетарен систем и била спречена хиперинфлацијата. Периодот по реформата е време на економско закрепнување, но и време со изразени воени турбулентни случувања на Балканот со силен акцент на Македонија. Како резултат на ова постоело големо присуство на византиска војска, а со тоа и на трговските дејности што ја следат војната, кои произвеле да биде пронајдено огромно количество нумизматички материјал од палеовизантиските монети“, посочува м-р Трајан Зафировски, нумизматичар, виш кустос за нумизматика во Археолошкиот музеј на Македонија. Токму преку текстот на Зафировски на сајтот на оваа културна установа, јавноста може да се запознае со богатата монетарна историја на овие простори.

Византиска монетарна политика

Според Зафировски, стабилната монетарна политика, која Византија се обидувала да ја спроведе на својата територија, не извршила драстични промени во Македонија меѓу 7 и 10 век, бидејќи циркулацијата на пари била на многу слабо ниво, што се должело на перманентното населување на словенско-аварските племиња од север, чијашто економија била сè уште базирана на натурална размена.

„Исклучок претставувале приморските градови, меѓу кои и двата најголеми монетоковачки центри, Константинопол и Тесалоника, кои произведувале пари низ целиот среден век. Слабата монетаризација на Балканот траела до времето на Василиј Втори, кој успева да ја поврати контролата на Византија врз полуостровот и преку инфлаторни бронзени емисии да ја зголеми монетарната циркулација, која ќе ја доживее својата кулминација во времето на династијата на Комнините. Анонимните фолиси, пак, кои биле ковани од 976 до 1092 година претставувале пропагандни монети, кои имале политичка заднина, чија намена била наметнување на византиската монетарна политика на териториите кои нецелосно ја прифаќале византиската централна власт. Овие варијанти на монети имаат христијански пораки на аверсот и реверсот, а не носат никакви државни обележја и симболи. Покрај бронзените монети во периодот меѓу 7 и 11 век, значително присуство има на златни (солиди и хистамени) и сребрени монети (милиаренсии) кои најчесто се пронаоѓаат во остави. Следната голема реформа на византискиот монетарен систем, пак, ја прави  императорот Алексиј Први Комнин во 1092 година, со што монетите во потполност ја губат својата вообичаена форма и добиваат конкавна“, посочува Зафировски.

Најмногу монети од 11 до 13 век

Огромни количества нумизматички материјал се најдени во депоа  и поединечно во периодот од 11 до 13 век.

„Тука во голем број се застапени монетите на Маноил Први Комнин, Исак Први Ангел, латинските и бугарските имитации, монетите на никејските владетели и владетелите на Тесалоника. Покрај ова, во големо количество се присутни и примероците од последната византиска династија која опстојувала на територијата на Македонија, сè до доаѓањето на Расите (Србите), односно династијата на Палеолозите, која е застапена преку монетите на Михаил Осми, Андроник Втори и неговиот внук Андроник Трети“, додава во текстот Зафировски.

Промената на политичката власт во Македонија почнувајќи од 1282 год. до паѓањето на Скопје под Османлиите, сто години подоцна условила промена и на монетарниот систем, при што доаѓа до напуштање на монетите со конкавна форма кои биле ковани од злато, електрон и бронза, и заменување со монетите кои се рамни и базирани врз западноевропската (венецијанска) монометалистичка политика на сребро. Од овој период, според Зафировски, има голем број  пронајдени остави од целата територија на Македонија, во кои се присутни примероците на сите српски владетели, но и на независните господари како Волкашин, Марко, Константин Драгаш, Андрија Гропа и Лазар. Од крајот на 13 до крајот на 17 век се присутни и парите на тогашните трговски сили како што биле Венеција, Унгарија и Дубровник, што укажува на силна економска и трговска динамика. На ова може да се додадат и бројните остави и единечни примероци на акчи, мангари и други деноминации од османлискиот период, кои ќе ја наметнат својата монетарна политика на целиот Балкански Полуостров од крајот на 14 век до владеењето на последниот султан Мехмед Петти Решад (1909-1918 год.). (Д.Т.)